Отворен Самитот на Западен Балкан за стандарди за животна средина, општество и управување со 450 учесници од регионот


Отворено е ново поглавје на патот кон одржлив развој на Западниот Балкан и започнат е патот кон поодговорно и поеколошко работење, порачаа учесниците на отворањето на Првиот самит на Западен Балкан за животна средина, општество и управување, кој е најголемиот регионален настан посветен на одржлив развој и разговор за поголема одговорност на деловниот сектор кон прашањата на стандарди за животна средина, општество и управување во практиката. Самитот е организиран од Сустинери Партнерс и Порто Монтенегро, под покровителство на Владата на Црна Гора.

Самитот беше свечено отворен од новоизбраниот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. Тој истакна дека зелената агенда и задоволување на еколошките стандарди се еден од приоритети во процесот на пристапување во Европската унија.

– За да може една земја да биде привлечна за инвеститорите, таа мора да биде конкурентна, добро водена, отворена и инклузивна, но и зелена. Искрено верувам дека имплементацијата на стандардите поврзани со заштитата на животната средина, општествената одговорност и управувањето е клучна за долгорочната економска стабилност и просперитет на Црна Гора и на Западен Балкан. Усогласеноста со ESG стандардите ќе ја подобри транспарентноста и одговорноста на компаниите, што ќе привлече странски инвеститори, ќе го зголеми нивото на трговија, ќе ја намали невработеноста, вели Милатовиќ.

Посочи дека патот до одржлива иднина не е лесен, но е неопходен за благосостојбата на нашата планета и идните генерации.

-Мора да запомниме дека сите сме забрзани од промените! Да продолжиме да градиме мостови за стабилен и интегриран регион, да ја зајакнеме нашата регионална соработка на патот кон интеграцијата во ЕУ, порача Милатовиќ.

Директорката на Сустинери Партнерс, Билјана Брејтвејт порача дека денешниот собир значи пресврт во дијалогот за примена на стандардите за ЖСОУ во регионот.

-Собравме повеќе од 450 учесници и учеснички, претставници/претставнички од 150 претпријатија од целиот регион и пошироко, кои ја покажаа својата спремност да ги следат новите стандарди и современата практика за начинот на управување со своите бизниси. Со предавачи од целиот свет, водечки експерти за стандарди, ние можеме да го промениме начинот на кој разговараме за инвестиции, како гледаме на одговорност на претпријатијата кон заедниците во кои работат и кои би можеле да бидат компаративните предности на нашиот регион за вложување во иднина. Фер-бизнис , односно деловното работење на здрави основи навистина може да го промени имиџот на Западниот Балкан и тој да стане посакувана дестинација за одговорно инвестирање, рече Брејтвејт.

Давид Маргасон, технички директор на Порто Монтенегро, им посака добредојде на учесниците на Самитот, порачувајќи дека ова пристаниште во своите досегашни практики покажало дека развојот, вложувањето во недвижнини и создавањето нови туристички капацитети може да се остваруваат во склад со заедницата, животната средина и со размислување за иднината. Заради тоа, Порто Монтенегро сака да стане и клучно место за собирање во регионот каде што ќе се разговара за стандардите за животна средона и одговорно работење.

-Горди сме што сме домаќин на Самитот за ЖСОУ овде во Порто Монтенегро благодарејќи на соработката со паметниот и стручен тим на Сустинери Партнерс, додека Порто Монтенегро го продолжува патот кон станување водечка дестинација во Централниот и Источниот Медитеран за конференции, изложби и културни собирања. Овој настан го покажува нашиот заеднички ангажман за промоција на одржливи практики во сите деловни сфери и подрачја на животот, како и за создавање позитивни промени во нашиот регион. Овој важен настан ќе ги собере на едно место клучните актери кои ќе ја расправаат и решаваат глобално важната тема на најдобри практики во рамките на екологијата, општествените прашања и управувањето, а ние сме возбудени што пружаме платформа за значаен дијалог и влијателни решенија во природната околина и убавина на Бока Которскиот залив и Црна Гора, вели Маргасон.

Министерот за економски развој и туризам Горан Ѓуровиќ на конференцијата за медиумите ја запозна јавноста со чекорите преземени од Црна Гора на патот кон усвојување на стандардите за животна средина и добрите практики.

-Доколку сакаме да бидеме дел од Европската унија, а тоа е една од целите на Владата во која сум министер, прашањето на воведување на стандардите за ЖСОУ се наметнува како императив. Во тој контекст, наша задача е подготовката на црногорските претпријатија за работење според европските стандарди и развој на свеста за тоа дека еколошките и општествените стандарди и стандардите на корпоративно управување претставуваат неминовност на патот на приближување на Црна Гора кон европскиот пазар. За да не заостанеме на тој пат, вредно работевме на креирање и ускладување на политиката со клучните документи на ЕУ од областа на одржлив и зелен раст. Ние сме прва земја од регионот која дефинираше нов модел на економски раст што подразбира преод од линеарен кон циркуларен модел на работење, преку креирање Стратегија на циркуларна транзиција до 2030. година. Верувам дека со тоа покажавме стратешка определба во оваа област, рече Ѓуровиќ.

Платинум партнер на Самитот на Западниот Балкан за ЖСОУ е групата OTP (ОТП). Gergely Pókos (Ѓерѓели Покос), директор на Зелената програма на групата OTP (ОТП), истакна дека ова претпријатие ќе направи сè за да продолжи да придонесува кон развојот на одржливи инвестиции во регионот.

-Ако не дејствуваме сега, климатските промени ќе се одразат на банкарскиот, токму како и на секој друг сектор. Меѓутоа, банките можат активно да ја поддржуваат зелената транзиција на економијата, a тоа е еден од приоритетите на дејствување на групата OTP (ОТП). Поддржувајќи го спомнатиот процес, сакаме да станеме една од водечките банки во Средна и Источна Европа кога станува збор за спремноста да ја развиваме областа на зелените финансии, кажа Покос.

Самитот на Западниот Балкан за ЖСОУ ќе вклучи презентации, панел дискусии, претставување на иновациски практики, а посебно место ќе има и покренување на иницијативата Women on Boards Adria за поголемо учество на жените во управувачките тела на претпријатијата. Самитот се затвора утре со обраќање од премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.