Отворен првиот Лапидариум во прилепскиот Музеј
Со стотина ексклузивни експонати во мермер и од камена пластика од богатите архелошки наоѓалишта во регонот, прилепскиот Завод и музеј денеска официјално го отвори Лапидариумот во просторот во рамките на институцијата.
Како што објаснува директорот на Заводот и Музеј, Благоја Атанасоски, ова е прв Лапидариум во 65-годишното постоење на институцијата.
За отворањето се подготвуваме повеќе од 18 месеци и во 65- годишното постоење на институцијата ова е прв Лапидариум. Ова ќе биде постојана поставка на отворено во која се сместени 100-ина експонати од мермерната пластика, најдени од архелошките локалитети во Прилепско. Вредните артефакти сметаме дека ќе го привлечат вниманито на сите посетители и туристи. Целта е до прилепчани и до сите туристи да го доближиме нашето културно наследство, објаснува Атанасоски.
Археологот- кустос Оливера Богатиноска смета дека преку експонатите се одразуваат духот, верувањата на нашите предци и потребата да бидат запаметени засекогаш. Најексклузивни се експонатите од повеќе локалитети, меѓу кои е античкиот град Стибера, познат по мермерните статуи.
-Збирката на епиграфски споменици и камена пластика резултира со експонати од: архитектонска камена пластика, антропоморфна, како и ранохристијанска архитектонска пластика од наоѓалиштата во прилепскиот регион: локалитетот Прилепец. локалитетот Соколица од селото Браилово, надгробни стели од локалитетот Градиште кај селото Дебреште, Долненско, од Мажучиште. Нашите граѓани ќе имаат можност да се запознаат со симболиката на мермерот како еден траен медиум за пренесување вести и симболика и да се запознаат со верувањата во задгробниот живот на нашите предци. Меѓу најрепрезентативните се наодите од Стибера, како што е мермерната статуа Големата Херкуланка, потоа од локалитетот кај Мажучиште-Малта Херкуланка, надгробните стели со релјеф од локалитетот Градиште, антропоморфните стели од локалитетот Соколица, вели Богатиноска.
Во Лапидариумот се изложени само половина од експонатите, а другите се во музејското депо. Археолозите имаат задача да соберат уште артефакти од наоѓалиштата од прилепскиот регион.
Лапидариумот ќе биде отворен речиси нон-стоп бидејќи е во кругот на Музејот и ќе нема проблем за посета и во празнични денови и во викенди. Кустосите од прилепскиот Завод и Музеј ќе може да им објаснуваат на посетителите се што ги интересира за експонатите и за наоѓалиштата од каде што потекнуваат.
На отворањето за значењето на Лапидариумот, како уште едно претставување на богатотот културно наследство во Прилепско, зборуваше и претседателот на прилепскиот Совет, Миле Талески. Воедно, Музејот ги награди и најуспешните маски од прилепските училишта од годинашниот карневал Прочка, сакајќи да ја поттикне умешноста и инвентивноста на учениците кои ќе бидат и редовни посетители на Лапидариумот.