Отворен оглас за доделување стипендии за деца со попреченост


Отворен е оглас за доделување стипендии за деца со попречесност кои во учебната 2020/2021 година ќе се запишат во прво одделение или ќе го продолжат своето образование во второ одделение, во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“.

Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а финансиски е поддржан од страна на Европската Унија.

– Овој проект има за цел да обезбеди целосна и еднаква вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта кои прераснуваат во безбедни средини што се отворени и пристапни за сите деца и посветени да обезбедат квалитетно образование на децата со разновидни образовни потреби, соопштија од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.

Од Фондацијата истакнаа дека целта на стипендиите е да се пружи поддршка на семејствата на децата со попреченост во надминување на трошоците поврзани со нивното школување, училишни материјали, специјализирана опрема, воннаставни активности, асистенти за помош/едукација, трошоци за терапија, транспортни трошоци или други слични специфични потреби, а воедно да се поддржи одлуката за проактивно и засилено запишување на ученици со попреченост во редовните училишта.

– Оваа година, овие стипендии ќе се доделат на вкупно 300 ученици. Висината на месечната стипендија е 50 ЕУР во денарска противвредност, а бројот на месеци во кои ќе се доделуваат стипендии ќе зависи од времетраењето на училишната годината според препораките од Министерството за образование и наука. Задржувањето на стипендијата во следната учебна година зависи од редовноста на ученикот во училиште и успешниот премин во следното одделение, со што договорите за стипендирање ќе бидат продолжени и за следната учебна година, информираа од Фондацијата.

Вклученоста и редовноста на настава е од витално значење за задржување на стипендијата.

Од Фондацијата појаснија дека очекувањата за редовноста на учениците со попреченост ќе бидат дефинирани индивидуално за секој ученик во консултација со инклузивниот тим во училиштето и со експерт за деца со попреченост кој ќе биде вклучен и во избор на стипендистите. Во планот за редовност ќе бидат земени предвид и препораките поврзани со пандемијата со КОВИД-19 и начинот на кој ученикот ќе ја следи наставата (далечински или со физичко присуство). Редовноста на учениците ќе биде постојано следена и извештаи за редовноста ќе бидат подготвувани на месечно ниво.

Повеќе информации и начин на аплицирање може да видите на следниот линк: https://www.stepbystep.org.mk/mk/novosti-i-nastani/oglas-za-dodeluvanje-na-stipendii-za-deca-so-poprechenost-68