Отворен новиот модуларен амбулантско-поликлинички оддел на Клиниката за пулмологија


Министерот за здравство Венко Филипче, заедно со директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, Дејан Докиќ, денеска го пуштија во употреба новиот модуларен амбулантско-поликлинички оддел, лоциран во непосредна близина на зградата на Интерните клиники.

– Од денеска практично во функција влегуваат новите амбуланти на Клиниката за пулмологија. После повеќе од 50 години, го менуваме изгледот и функционалноста на целокупниот кампус овде во Клиничкиот центар, пред сé имајќи ги предвид потребите кои и сега се наметнати, но очекуваме и допрва да се наметнат заради есенските месеци и кризата со Ковид. Во овие нови амбуланти на 450 м2 се сместени сите потребни инструменти и апарати за да се примат, прегледаат и брзо дијагностицираат сите пациенти кои имаат проблеми со белите дробови, а доаѓаат и бараат услуга од Клиниката за пулмологија, која е врвна и единствена терциерна установа во нашата земја од таа област, истакна Филипче.

Со ова, посочи, постигнуваме неколку работи: сите пациенти коишто имаат проблеми со белите дробови ги одделуваме од сите други пациенти во останати амбуланти, а досега беа тие сите на едно место и со тоа го намалуваме ризикот од трансфер на коронавирусот на пациентите кои доаѓаат овде во Клиничкиот центар за некаква друга симптоматологија.

– Истовремено, се ослободува простор на местото каде досега беа овие амбуланти и дополнително ќе се доделат на клиниките за гастроентерохепатологија и нефрологија, за да се обезбеди повеќе физички простор за време на чекањето, а секако со тоа и дополнителна апаратура што таму ќе се смести. Ќе може да добијат и дополнителна здравствена услуга, амбулантски за да се избегнат непотребните хоспитализации. Мислевме на сите аспекти инфраструктурно да се олесни и комуникацијата со клиниката. Ја искористам можноста да го најавам и многу скорото започнување на реновирањето на самите интерни клиники. Тоа се оние стари ходници и скали каде поминуваат многу пациенти, а каде ништо не е направено повеќе од 10 години, рече министерот Филипче.

Во новиот објект се наоѓаат засебни чекални и простории за администрирање, приоритетна амбуланта за прием на интервентни пациенти, амбуланти и кабинети за спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две простории – дневни болници за сместување на амбулантските пациенти. Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба…

Директорот на Клиниката, Докиќ посочи дека во новите амбуланти, за разлика од старите, во посебни простории ќе се изведуваат различни дијагностички и амбулантски процедури, што создава можности за помала концентрација на пациенти на едно место и запазување на мерките и протоколите, кои го спречуваат ширењето на вирусот.

– Благодарам на Министерството за здравство и на министерот Венко Филипче за слухот што го имаат, после долги години нашите пациенти да добијат современ објект каде ќе можат на адекватен начин да ја добијат соодветната здравствена услуга. Ова ги задоволува сите стандарди, особено во вакви епидемиолошки услови за пациенти кои боледуваат од белодробни заболувања. Знаете дека тоа се најранливите пациенти и многу голем број од нив доаѓаат под клиничка слика на Ковид-19, што е навистина тешко во првиот момент да се разграничи. Но, со апаратите што ќе ги добиеме ќе имаме можност за најкратко време да ги дијагностицираме овие пациенти и адеквантно пратиме во установите коишто се занимаваат и ги лечат овие пациенти. Останатите кои се негативни ќе бидат третирани на нашата клиника. Овој објект е завршен во рекордно време од два месеца. И другите објекти што се планираат од Министерството навремено ќе бидат завршени за да може да се дочека сезоната која не очекува, истакна д-р Докиќ.

Во новиот објект, целиот простор ентериерно и екстериерно е оформен за да не постојат бариери и препреки за лица кои користат помагала и лица со попреченост, за кои се предвидени и специјални тоалети, согласно стандардите. Спроведена е климатизација, ладење и греење, електронска поддршка и сигнализација со ознаки за поедноставно снаоѓање во просторот и комплетен видео надзор.

Околината и дворното место се хортикултурно уредени и обновени со ново зеленило и урбана опрема, а овозможен е и директен пешачки пристап од улицата „Мајка Тереза“.

Објектот е лесно пристапен со моторни возила преку крак од улиците на комплексот на Клиничкиот центар, има директен пристап и обезбедени паркинг места за возилата на Итната медицинска помош.