Отворен државнот натпревар за кодирање – „Училишта на 21-от век“


Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска го отвори државниот натпревар по кодирање за ученици на возраст од 10 до 15 години кој го огранизира Британскиот совет во рамки на регионалната програма „Училишта на 21-от век“ финансирана од Владата на Обединетото кралство, а во која Северна Македонија учествува трета година по ред. Со проекти изработени со примена на микробит уред, вкупно 15 ученички тимови се натпреваруваат за првото место на национално ниво кое обезбедува учество на регионалниот натпревар по кодирање во кој учествуваат ученици од земјите од Западен Балкан. Победниците ќе бидат познати попладнево.

Посакувајќи им успех на сите учесници на натпреварот, министерот Шаќири рече дека е горд на новите генерации кои покажуваат висока креативност, иновативност и желба за развој на дигиталните вештини со кои создаваат проекти кои можат да бидат применливи за надминување на разни предизвици од секојдневието.

„Гледајќи ги резултатите од вашиот ангажман и посветеност, добивам верба дека почнуваат да се создаваат новите општествени лидери, носители на промени и двигатели на севкупниот напредок на државата. Вие сте иднината на оваа земја и посакувам сиот потенцијал да го искористите тука, а ние како институции на системот со поддршка на бројните партнери меѓу кои е и Британскиот совет, ќе продолжиме да создаваме услови за тоа и да ве правиме задоволни од грижата која всушност и треба да ја добивате од државата“, рече Шаќири.

Пред почетокот на натпреварот, честитки за досегашните постигнати резултати и желби за освојување на првото место на ученичките тимови им изрази и директорката на Британскиот совет Елеонора Запрова.

„Училишта на 21 век“ е програма што се имплементира од Британскиот совет во 6 земји од регионот регионот вклучително и нашата, со целосна финансиска и логистичка поддршка на Британската влада. Целта на програмата е учениците да стекнат нови дигитални вештини и да ги развијат вештините за критичко размислување и решавање проблеми, меѓу другото и преку примена на микро бит уреди.