Отворен ден на вежбата „Одлучен удар“ во Битола


Фото: tera.mk

Попладнево во Битола, на плоштадот „Гоце Делчев“, во рамки на активности на воената вежба „Одлучен удар“, се одржа отворен ден за граѓаните пред кои беа прикажани дел од средствата, опремата и вежбовните активности.

Воената вежба „Одлучен удар“ е најголемата воена вежба во историјата на нашата земја, со околу 2.700 војници, истакна претседателот и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски.

„Посебна е честа што американскиот контингент е застапен со околу 40 проценти од учесниците на оваа мултинационална вежба или со над 1.200 американски војници, а тоа покажува дека стратешкото партнерство меѓу Република Северна Македонија и САД трае, успешно е, и ефикасно. Со помош на САД очекувам до крајот на годината и формално да ја постигнеме нашата стратешка цел зацртана уште во 90-тите години, односно, полноправно членство во НАТО алијансата, и во таа смисла можам да информирам дека процесот на ратификација на пристапните протоколи во сите држави членки на НАТО оди со одлично темпо и ние се надеваме дека до 4 декември, до Самитот на НАТО во Лондон и формално да станеме 30 држава членка на НАТО“, истакна шефот на државата Пендаровски.

Битолчани, преку директна комуникација со припадниците на армиите, имаа можност од блиску да се запознаат со опремата, постапките и процедурите што ги извршуваат учесниците на вежбата.

Вежбата во градот под Пелистер ја следеа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска која оцени дека во градот се случи голем настан, и јавно се заблагодари што беше овозможено да биде домаќин на претставници на армиите од САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора.