Отворен ден на ДЗС во Градскиот парк во Скопје, децата преку игра учат за заштита и спасување од катастрофи


Преку тематски игри и показни вежби, денеска на настан по мотото „Соочи се со предизвиците низ игра“ кој се одржува во Градскиот парк во Скопје, децата имаат можност одблиску да се запознаат со сите сегменти на заштита и спасување од катастрофи.

Настанот е дел од отворениот ден кој двапати годишно го организира Дирекцијата за заштита и спасување во рамките на своите надлежности. Организиран е од ДЗС со поддршка од компанијата Премиум сејфти солушн и со учество на доброволното противпожарно друштво „Бајрам Мифтари“ од Чаир и противпожарното друштво „Св. Николе“.

Раководителката на Дирекцијата за заштита и спасување, Маја Тимовска, истакна дека превентивните активности се исклучително важни за граѓаните да знаат да се заштитат од катастрофа.

 – Превентивните активности се од исклучителна важност за граѓаните да знаат што да направат во случај на катастрофа, како да постапат кога имаме пожар, што треба да направиме, кои насоки ни се даваат во случај на земјотрес и што е она што треба да го направиме во случај на поплава, нагласи Тимовска.

 Во рамките на денешните активности планирани се пет активности и тоа натпревар кој побрзо ќе го намота пожарникарското црево, гасење пожар во лимени кофи, цртање на противпожарни симболи, посебна точка во делот на школски, неексплодирани убојни средства –  како да постапат доколку најдат неексплодирана бомба.

Се делат флаери, практични семејни материјали за граѓаните. Секое дете кое ќе учествува во играта ќе добие шлем и елече и на крајот добиваат награда противпожарно возило или некоја друга играчка.