Отворен центар за талентирани ученици во Центар, Карпош и Кисела Вода


Центар за талентирани ученици се отвора денеска во ОУ „ Димитар Миладинов“ во општина Центар. Станува збор за меѓуопштинска соработка меѓу Центар, Карпош и Кисела Вода.

Центарот располага со површина од 120 м2 и вклучува три посебни простории и тоалет, опрема за планетариум и физика, биохемиска лабораторија и лабораторија за уметности. Просторот е со посебен влез, физички одвоен од влезот во училиштето. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека оваа меѓуопштинска соработка може да биде корисна и перспективна за талентираните ученици од трите општини.

– Центарот за работа со талентирани ученици е идеја што подолго време ја чека своја реализација во Општина Центар. И навистина ме радува што оваа меѓу општинска соработка, оваа активност, може да биде навистина корисна и перспективна за талентираните ученици од трите општини. Навистина ми е мило што Општина Центар и општините Карпош и Кисела Вода се водечки општини во формирање ваков центар, односно катче за нашите талентирани ученици да го развиваат и надградуваат својот талент. Верувам дека овде учениците ќе поминуваат убаво и квалитетно време, ќе се градат и развиваат и достојно ќе ги претставуваат нашите општини и државата на меѓународните натпревари. Ви посакувам убава дружба, личен развој и успешни кариери, им порача Герасимовски на учениците.

Овој центар за талентирани ученици е прв во главниот град и има исклучително значење за талентираните ученици, кои немаат катче, каде што својот талент, знаење и способности може да ги развиваат и усовршуваат. Во ова катче учениците ќе работат со своите наставници, трошоците за редовните комуналии за просторот (вода и интернет), струјата и парното ќе ги намирува училиштето, а материјалните трошоци ќе ги покриваат трите општини заедно. Центарот за талентирани ученици ќе влезе и во креирањето на општинските буџети со цел талентираните ученици да го градат и развиваат својот талент и во наредните години. Општина Центар исто така обезбедува и одговорно лице, кое ќе се грижи за центарот за тој да им служи уште многу години на учениците што поседуваат одреден талент.