Отворен Балкан има голема поддршка, изјави Забрчанец за „Политика“


 

Координаторот за иницијативата Отворен Балкан, Марјан Забрчанец, изјави за белградска „Политика“ дека овој проект има голема поддршка меѓу македонските граѓани, наведувајќи ги резултатите од анкетата на Фондацијата „Конрад Аденауер“.

„Овие денови во РСМ излезе нова анкета за истражување на јавното мислење, според која Отворен Балкан ужива поддршка на 67 отсто од населението, 16 отсто немаат конкретен став, а само 17 отсто не ја подржуваат оваа иницијатива. Ова е четврта анкета на релевантна организација и агенција според која поддршката за Отворен Балкан е висока. Поддршката е силна и кај Македонците и кај Албанците од Северна Македонија и кај социјалдемократите и кај конзервативците, и кај младите и кај старите, во градските и селските средини. Поддршката, секако, е особено висока во деловниот сектор“, рече Марјан Забрчанец.

Според него, значаен исчекор е направен и со формирањето на работни групи, кои имаат за цел основање на заедничка агенција за инвестиции на Отворен Балкан, а која првата средба ја оствари за време на саемот за вино во Белград. „Започнат е и процесот на создавање на единствено инвестициско портфолио како пазар од повеќе од 12 милиони граѓани со целиот човечки, економски и природен потенцијал со кој распологаат државите заедно. Целта е јасна: да се понудиме на големи инвеститори од САД, како и да ги привлечеме ЕУ и светот како регион во кој може да ги шират своите деловни активности“, рече Забрчанец.