Мини Шенген стана „Отворен Балкан“


 
Иницијативата досега позната како „Мини Шенген“ се преименува во „Отворен Балкан“ (Open Balkan) откако денеска претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерите на Македонија Зоран Заев и на Албанија, Еди Рама, потпишаа еден договор и два меморандуми со кои ќе се овозможи слободен проток на луѓе стоки, услуги и капитал и ќе се елиминира чекањето на границите.
„Целта е нула минути чекање на границите и една работна дозвола”, истакна на Економскиот форум за регионална соработка, претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж, кој го модерираше панелот на кој учествуваа и Заев, Вучиќ и Рама, како и првите луѓе на стопанските комори на Македонија и на Албанија.
Сите учесници ја оценија иницијативата како историска која што ќе ги смени приликите во регионот и ги повикаа и другите држави од Западен Балкан да се приклучат.
Примерот Заев појасни дека кога станува збор за олеснување на движењето на работната сила што ќе им овозможи на луѓето од трите земји да работат под еднакви услови во било  која од нив, се потпишува меморандум, а не договор, заради тоа што Македонија и Србија прво треба да направат промени во националните законодавства. Тој е уверен дека тоа ќе се направи брзо, односно до 15 октомври, со цел веќе во ноември во Белград да биде јасно соопштено дека трите земји се подготвени за примена на оваа новина од следната година.
Лидерите на трите земји исто така се уверени дека непотребните чекања на границите ќе станат минато од 2023 година.
Денеска во рамки на Економскиот форум беа потпишани три документи: Меморандум за разбирање за соработка за олеснување на извозот, увозот и движењето на стоките на Западен Балкан, потоа Меморандум за разбирање за соработка во врска со слободен пристап на пазарот на трудот на Западен Балкан и Спогодба за соработка во заштита од катастрофи во земјите од Западен Балкан.