Отворен 45-тиот Саем на мебел во СЦ „Борис Трајковски“ – нуди мебел за сечиј вкус


Утрово беше отворен Саемот за мебел 2023, што по пауза од четири години е прв ваков саем во пост-корона услови.

Тој е подеднакво важен и за домашните производители и за увозниците на мебел, но најмногу за потрошувачите кои сакаат на едно место да имаат пристап до сите категории на мебел.

На годинешниот Саем на мебел присутни се 40 изработувачи на мебел и 80 брендови, а радува фактот што годинава за првпат има некои изложувачи кои досега немале саемско претставување, а бројни се и домашните производители на мебел.

На саемот можат да се најдат најразлични парчиња мебел, некои практични, економични до луксузни. Понудата е богата и разновидна. Партнер на саемот е Комерцијална банка која нуди поволни кредити за поедноставно купување и опремување на домот. Туристичката агенција „Војажер“ организира тури од сите градови во Македонија за поедноставно стигнување и посетување на саемот.

„Се е подготвено за 45. издание на Саемот за мебел, кој паузираше четири години заради пандемиските услови. Тоје еден од најпосетените, најдолго очекуваните и напосакуваните самеи и од страна на посетителите и од страна на стручната фела во областа на дрвната индустрија“, велат организаторите.

На саемот може да се добие сѐ, од идеја до реализација, буквално сѐ што му треба на еден човек да се чувствува удобно во домот.

Саемот се одржува во салата „Борис Трајковски“ и дополнителен монтажен објект. Влезницата чини 120 денари, а семејна групна влезница чини 100 денари. Трае од денеска до недела 2 април.