Отворањето на шенгенскиот поморски и воздушен простор за Бугарија и Романија не претставува целосен пристап во Шенген зоната


Австриското Министерство за внатрешни работи денеска потсети дека отворањето на Шенгенскиот европски поморски и воздушен простор за Бугарија и Романија не претставува целосно пристапување во Шенген зоната, пренесе БТА.

-Шенген по воздушен пат значи дека патниците кои доаѓаат од Романија и Бугарија нема да мора да минуваат низ пасошка контрола, освен онаа што ја спроведува авиокомпанијата на портата за да ги однесе до авионот, изјавија од австриското Министерство за внатрешни работи.

Оттаму додаваат дека во моментов нема разговори за таканареченото целосно пристапување во Шенген и не може да се даде датум за тоа.

Пристапувањето на Романија и Бугарија, кои се членки на ЕУ од 2007 година, во Шенген зоната беше блокирано на крајот на 2022 година од Австрија.

Шенген зоната вклучува 23 од 27-те земји-членки на ЕУ, плус нејзините придружни земји Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн.

Романија и Бугарија објавија дека постигнале договор со Австрија да уживаат слободно движење во Шенген зоната на ниво на море и воздух, но прашањето за копнените граници беше одложено за подоцна.

На почетокот на декември, Австрија, која пред една година стави вето на пристапот на двете балкански земји во Шенген, ја промовираше идејата за таканаречен „Шенген по воздух“ или „Воздушен Шенген“, велејќи дека е подготвена да прифати релаксација на правилата, кои управуваат со воздушниот сообраќај за Бугарија и Романија доколку Брисел ги зајакне надворешните граници на ЕУ.