Отворањето на Грција за туристите донесе нови инфекции, а не лек за економијата


Грчката влада чувствуваше дека има мал избор освен да ги прифати калкулациите со отворање за туристите (Фото: АФП)

 

Владата постепено ја отвори земјата за посетителите од средината на јуни, но тоа досега не е голем успех. Хотелите на копното едвај да се пополнети со една четвртина од гостите

 

АТИНА – Грчкото коцкање за отварање на земјата кон туристите не се исплатува.

Бидејќи туризмот сочинува повеќе од една петтина од економијата на  земјата и вработува околу една четвртина од нејзината работна сила, грчката влада сметаше дека нема голем избор освен да преземе пресметан ризик за отворање кон посетителите. Но, дури и малкуте странски патници кои започнаа да се враќаат, активираа нови синџири на коронавирусни инфекции, додека економските придобивки до сега се мали.

Грција ја совлада здравствената криза подобро од повеќето, со само 194 смртни случаи досега припишани на Ковид-19. Но, зголемувањето на случаите по повторното отворање на границите минатиот месец е индикација за тоа колку ќе биде тешко за земјите од Европа да се вратат во економската нормалност. Владата минатата недела ги заостри или воведе нови ограничувања во услови на предупредувања од епидемиолозите дека инфекциите може да се претворат во втор бран.

Во првите две недели од јули беа откриени околу 530 нови инфекции, при што повеќе од половина доаѓаат од посетителите од странство. Тоа е повисоко од вкупниот број случаи пријавени во јуни и речиси двојно од потврдените инфекции во мај.

„Сите знаевме, и ние и нашите научници и експерти, дека со отворањето на нашите граници ќе имаме делумно зголемување на случаите“, рече грчкиот министер за здравство, Василис Кикилијас минатата недела. Но, додаде тој, „економијата и туризмот мора да преживеат“.

Грчката влада започна со отварање од 15 јуни, нешто за што туристичката индустрија, преплашена од можноста да пропадне ова лето, силно притискаше.

„За жал, мора да го сториме тоа, бидејќи се чини дека опасноста од корона вирусот ќе биде помала од опасноста од нејзините ефекти врз економијата“, вели Савас Пагонакис, кој е сопственик на хотел на островот Родос. „Ние мора да избереме корона вирус или глад“.

Сепак, досегашниот економскиот поттик беше разочарувачки. Пагонакис вели дека некои хотелиери започнале со резервации од 30 проценти, но дека и тоа сега е преполовено. „EasyJet се врати со шест директни летови неделно и сега ги намалија на три“, рече тој. Хотелите на копното се полни со една четвртина, велат локалните хотелиери. Во јуни, пристигнувањата на патници со авиони се намали за 93 проценти, на само 588.186, од речиси 8,4 милиони минатата година.

Пагонакис очекува тешка зима за грчките острови, бидејќи падот на туризмот влијае на другите сектори. На пример, со намалување на бројот на посетители, земјоделците кои снабдуваат локални хотели, искорнале домати и лубеници затоа што не можат да ги продадат.

Владата веќе мораше да заостри некои мерки за пристигнувања во земјата. Со зголемувањето на дневните стапки на инфекција во балканските земји, заклучно со минатата недела, сите патници кои ја минуваат границата на Грција, требаше да имаат негативни резултати на тестот од изминатите 72 часа. Властите, исто така, ги засилија контролите врз сезонските работници мигранти и воведоа построг режим на инспекција за локалните бизниси, особено на плажите. Исто така, забрани локални фестивали по селата, барем до крајот на јули.

Вработените во супермаркетите и муштериите мора да носат маски за лице од саботата, според заедничката министерска одлука донесена доцна во петокот, а оние кои не носат маски може да бидат казнети со казна до 150 евра. Носењето маски за лице беше препорачано, но лабаво се спроведуваше во јавниот превоз и во такси.

„Кога ги отворивме границите не очекувавме толку силно присуство на вирусот на Балканот, тогаш случаите беа мали, што е уште еден показател за тоа колку се нестабилните работи“, вели професорот по микробиологија Алкис Ватопулос. „Ние, исто така, забележуваме дека почитувањето на јавноста на правилата за здравствена безбедност во земјата е многу опуштено“.

Религиозните собири се една од грижите, со илјадници верници собрани на купче без социјално растојание во Солун и Атина на почетокот на јули за да му оддадат почит на свети Пајсиј.

Владата соопшти дека е подготвена повторно да воведе ограничувања доколку е потребно. Министерот за здравство Кикилијас рече дека министрите работат на „план Б со локални заклучувања, доколку е потребно“, но дека земјата не може да оди назад во целост.

„Никој не смее да биде затворен внатре. Треба да уживаме во нашата земја. Нејзините убавини. Нејзините мориња. Треба да одиме на плажа, но да избегнуваме гужви. Тоа е можно е и тоа е неопходен услов што сите мора да го почитуваме“, додаде тој.

Грчката туристичка индустрија ќе ги прекрстува прстите дека посетителите ќе можат да уживаат во земјата без да предизвикаат втор бран. (Политико)