Отворање на официјалната изложба на Остен Биенале 2024 и доделување награди и признанија на уметници


Активностите на Остен Биеналето Скопје 2024 кои со голем успех се одвиваа во текот на целата
измината година, ќе имаат своја завршница вечер во 19 часот во Националната галерија на Република Северна Македонија – Чифте амам Скопје со отворањето на официјалната изложба и доделувањето на награди и признанија на уметници и сорботници на ОСТЕН.

Изложбата ќе биде и вовед во одбележувањето на 80 години од постоењето на Остен (1945 – 2025)

-Овој настан е уште позначаен со оглед на фактот што е првиот во низата настани планирани во оваа јубилејна година кога се одбележуваат 80 години од постоењето на ОСТЕН! Симболично, на изложбата ќе изложуваат 80 наградени уметници и финалисти од над 40 земји, од кои повеќето лично доаѓаат во Скопје од различни страни на светот да ги примат наградите, наведуваат организаторите.

Ќе бидат изложени дела од визуелните уметности – уметност на хартија, сликарство, објекти, инсталации, фотографии, видео и мултимедијална уметност. 

Остен Биеналето Скопје 2024 започна со објавување на меѓународниот отворен повик на кој се пријавија 273 уметници од 51 земја со 863 дела. Селекцијата на уметници ја изврши Корнелија Конеска, жирирањето беше спроведено од страна на Меѓународно жири во состав: Бруно Кора од Италија (претседател), и членовите д-р Пик Кеобандит од Белгија и Маја Колариќ од Србија.

Инаку, од јануари до јуни 2024 г. се одвиваше најавната програма на Биеналето во Галерија ОСТЕН со серија самостојни и групни изложби на пријавените уметници. Официјалната програма на Остен Биеналето започна на 27 јуни во галерија ОСТЕН со самостојната изложба на самоукиот надреалист и голем македонски сликар Вангел Наумовски – слики, цртежи и графики (од колекцијата на ОСТЕН) … која се одвиваше до декември 2024 со групните изложби од селектираните уметници на Биеналето.

Беа доделени традиционлано наградите од Интернационалното жири, од Советот на Остен.

Наградите што ги доделува Советот на амбасадори на Остен ги понесоа Микеланџело Пистолето (1933-) ГРАН ПРИ за животно остварување и Вангел Наумовски – наградата Светско културно наследство 

Пистолето е италијански уметник (сликар, уметнички акции, објекти) и теоретичар, еден од основачите и главен протагонист на Арте повера, радикално италијанско уметничко движење од минатиот век, чии уметници истражуваа низа неконвенционални процеси и примена на нетрадиционални „секојдневни“ материјали.

Вангел Наумовски се смета за еден од најголемите македонски ликовни уметници кого теоретичарите го вбројуваат во редот на самоуките надреалистички сликари, сосем пригодно да се оддаде почит на неговото творештво по повод 100-годишнината од неговото раѓање (1924 – 2006) и 100-годишнината од надреализмот (1924 – 2024), наведуваат организаторите.