Отворање на изложбата „Професори и студенти“ во МКЦ


 Изложбата насловена „Професори и студенти“ ќе биде отворена вечерва во галерискиот простор на Младински културен центар (МКЦ) во Скопје.

Изложбата ќе опфати дела изработени од студентите и професорите од факултетите и школите за уметност и дизајн, меѓу кои и од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Меѓународниот балкански универзитет (МБУ), Факултетот за дизајн и мултимедија (ФОН), Арт и дизајн при Европски универзитет, Факултет за уметност при Државниот универзитет во Тетово и Школата за дизајн и уметност „Скала“.

Главна цел на настанот, како што потенцираат организаторите, е широкиот спектар на наставни програми со кои располагаат приватните и државни универзитети во земјава и потенцирањето на разликата меѓу нив, како и актуелизирање на наставните потенцијали и квалитетот на нивните ученици со дела од областа која ја студирале.

Ќе биде претставен селектиран избор на веќе етаблирани автори, но и оние чиј потенцијал допрва ќе се развива, уметници од различни генерации, сликари, графичари, фотографи, скулптори, илустратори како и претставници од модниот дизајн и индустрија, кои посветено работат на полето навизуелните уметности години наназад.

– Различните стилски определби и различните дискурси, нема да претставуваат пречка, туку напротив, ваквата разноликост е и она што се очекува, главната цел и идеја на еден ваков проект- да се отвори ,,прозорец“ кон една постојана взаемна практика за меѓусебна соработка и размена на идеи меѓу идните генерации млади творци, која ќе резултира со тоа секој понатаму да продолжи да чекори кон автономен развој, градејќи го својот автентичен стилски пристап, наведе Ангела Витановска, историчар на уметност, во предговорот на изложбата.

Индивидуалитетот на секој од авторите и влијанието на менторот кој стои зад нив ќе овозможат изложбата да понуди една вистинска стилска и тематска разнообразност во ликовниот израз, која во иднина може да биде само уште еден предизвик во поривот за развој на сопствениот, индивидуален специфичен опус и ќе придонесе на изложбата да бидат застапени речиси сите техники и изразни медиуми, без било какво ограничување, стои во соопштението.

Преку иницијативата за оваа изложба, истовремено се создава можност за унапредување и мотивација на младите генерации за успешно чекорење напред во водите на уметноста и креативните индустрии, како и потенцијалот кој го нудат истите.

Организатори на изложбата што ќе трае до 21 јуни се Град Скопје и Младинскиот културен центар.