Отворање на изложбата „Дијалог преку уметност“ во Софија


Изложбата „Дијалог преку уметност“ на професори од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и професори од Националната уметничка академија од Софија вечер ќе биде отворена во галеријата „Академија“ во Софија.

„Дијалог преку уметност“ е втор настан преку кој Националната ликовна академија и Факултетот за ликовни уметности Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје воспоставуваат директен дијалог преку уметноста.

– Со изложбата „Дијалог преку уметност“, претставена во декември 2024 година во галеријата на ФЛУ во Скопје беше поставен почетокот и најавена подготвеноста за развивање и унапредување на соработката меѓу двете образовни институции преку заеднички изложбени проекти.
За време на одржаната тркалезна маса со раководството и наставниот кадар на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ беа разгледани тенденциите и проблемите поврзани со образованието во уметноста во Бугарија и Северна Македонија. Беа дискутирани можности за соработка и претставување на уметноста на младите автори и професори од двете земји преку изложби, размена во рамките на програмата „Еразмус+“, работилници и други креативни иницијативи, се вели во соопштението од УКИМ.

Националната ликовна академија донела одлука да ја претстави изложбата „Дијалог преку уметност“ во галеријата „Академија“, упатувајќи покана до своите колеги од Скопје да учествуваат со свои дела. Изложбата опфаќа околу 60 дела од 28 професори од НХА и Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Делата се изработени во различни медиуми и техники од областа на ликовните и пластичните уметности – сликарство, графика, уметност на книгата, илустрација, пластики од хартија, керамика, порцелан и стакло, текстил, фотографија, видеоарт.

Автори се: Ана Спасова, Ангел Миов, Беди Ибрахим, Бојана Павлова, Васил Колев, Велимир Жерновски, Венцислав Шишков, Георги Јанков, Гергана Табакова, Гоце Наневски, Елизар Милев, Емануела Ковач, Здравка Василева, Зоран Мише, Игор Сековски, Капка Канева, Мања Вапцарова, Кирил Божков, Красен Троански, Кристина Борисова, Ладислав Цветковски, Љубомил Драганов, Марија Сотировска, Николина Енчева, Роберт Јанкуловски, Розина Макавеева, Светозар Бенчев и Славица Јанешлиева.

Изложбата ќе биде отворена до 1 февруари 2025 година.