Отстранети милиони лажни реклами за лекување на корона вирусот во ЕУ


Европската комисија (ЕК) информираше дека на нејзино барање се отстранети „милиони лажни реклами“ ширум Европската унија, во соработка со националните власти за заштита на потрошувачите, јави дописничката на МИА од Брисел.

На иницијатива на Комисијата здруженијата вршат скрининг на милиони веб сајтови и платформи за да откријат реклами кои манипулираат со информации за да промовираат лажни производи, во контекст на пандемијата со корона вирусот. По скринингот блокирани се милиони лажни реклами, соопшти ЕК.

Резултатите од инспекцијата откриле 88 веб сајтови со лажни производи за лечење на коронавирусот, 30 сајтови со лажни информации за вирусот како 24 веб сајтови за кои постои сомнеж дека користат нефер практики за да ги зголемат цените.

Во акцијата се инволвирани властите за заштита на потрошувачите на сите 27 земји членки на Унијата.

Посебно внимание било посветено на понудите за маски, дезинфекциски гелови и други видови заштитна опрема, како и производи кои ветуваат лечење од Ковид-19.

Европската Комисија оцени дека оваа акција е доказ за добрата соработка со онлајн платформите како Гугл и Амазон.

-Повеќето онлајн платформи позитивно одговорија на повикот на Европската Комисија за справување со измами и лажни понуди и покажаа јасна заложба за отстранување на штетни содржини. Меѓутоа, како што покажа овој скрининг, измамниците продолжуваат да наоѓаат начини да ги експлоатираат слабостите на потрошувачите, да заобиколат алгоритми и да отворат нови веб сајтови, изјави еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс.

Тој ги повика потрошувачите да бидат свесни за измамите на интернет, посебно во контекст на пандемијата.

-Треба како потрошувачи да бидете свесни дека не постојат магични лекови од интернет, рече Рејндерс.