Отсега карантинот 21 ден, полицијата ќе контролира засилено за Велигден


Фото: Б. Грданоски

Владата ја продолжи забраната и посебниот режим на движење  за време на претстојниот христијански празник Велигден, така што таа  ќе започне од 17 април (петок) од 16 часот и ќе трае до 21 април (вторник) до 5 часот.Согласно оваа забрана и посебен режим на движење, Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите околу верските храмови за време на претстојниот празник.

Дополнително, усвоен е предлогот на Главниот координативен кризен штаб  од четврток до вторник  да се забрани движење и групирање, односно да се затворат сите паркови, излетнички места, места за рекреација во националните паркови и шуми, како и викенд населбите за време на периодот на забраната и посебен режим на движење за претстојниот празник, а Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите на овие места.

За лицата над 67-годишна возраст останува активна забраната во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10 до 12 часот. Во понеделник, 20 април, за овие и за сите други граѓани има целосна забрана.За сите лица до 18 години останува активна забраната за движење во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13 до 15 часот. Во понеделник, 20 април, за овие и за сите други лица има целосна забрана.

На оваа своја седница Владата констатира дека е завршен периодот на постоење на кризната состојба на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа и дека оваа состојба ги даде очекуваните резултати на здравствен план.

На седницата беше решено исто така вонредните и ополномоштени амбасадори и генералните конзули на Македонија, кои остваруваат право на плата согласно Законот за надворешни работи, за месеците април и мај 2020 година да им се исплатува плата намалена за 20 проценти од платата исплатена во претходниот месец.

Исто така, Владата донесе уредба со која  државјанин на Северна Македонија, кој влегува на граничните премини во нашата држава по 13-ти април  а бил затекнат во земји со висок ризик од коронавирус КОВИД-19, согласно листата на Светската здравствена организација (СЗО), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од најмалку 21 ден од денот на пристигнувањето во Северна Македонија. Ова важи и за државјани  вратени од странство и со конвои по копнен пат.

 Владата усвои и уредба со која започнатите постапки за престанок на договор за вработување или договор за продолжување на вработувањето на здравствен работник, односно здравствениот соработник, поради возраст, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.