Отпорноста почнува дома: Подготвеноста за поплави може да ги намали ризиците и да спаси животи
Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи, кој секоја година се одбележува на 13 октомври, годинава е посветен на темата „Отпорноста почнува дома“. Темата ја нагласува важноста на безбедниот дом, информираноста и подготвеноста на семејствата и заедниците за справување со ризиците од катастрофи.
Во фокусот на одбележувањето е пораката дека намалувањето на ризикот започнува со
разбирање на опасностите, навремена подготовка и преземање конкретни мерки за
заштита. Кога станува збор за поплавите, познавањето на локалните ризици, следењето на
предупредувањата и знаењето како да се реагира можат да придонесат за заштита на
човечките животи и имотот.
Во контекст на Република Северна Македонија, ризикот од поплави претставува особено
релевантна основа за подигнување на јавната свест. Поплавите можат да предизвикаат
загуба на човечки животи, оштетување на домовите и инфраструктурата, прекин на
основните услуги и значителни економски загуби. Намалувањето на овие последици бара
комбинација од процена на ризикот, превенција, подготвеност, рано предупредување,
координиран одговор и јавна свест.
По повод Меѓународниот ден, проектот „Подобрена имплементација на Директивата на ЕУ
за поплави преку усогласување на националното законодавство и подготовка на планови
за управување со ризикот од поплави“, ко-финансиран од Европската Унија, ја започнува
кампањата за подигнување на јавната свест „Отпорноста почнува дома“.
Проектот работи на унапредување на системот за управување со ризикот од поплави во
Северна Македонија, преку усогласување на националното законодавство со Директивата на
ЕУ за поплави, процена на ризиците во десет речни подсливови, изработка на карти на
опасност и ризик од поплави и подготовка на планови за управување со ризикот од поплави.
Активностите треба да придонесат за подобро планирање, поефикасна превенција и
подготвеност и зајакнување на отпорноста на заедниците.
Преку кампањата, проектот ќе ги поттикне граѓаните да се информираат за ризиците од
поплави во нивната околина, да ги подготват своите домови и семејства, да препознаваат
предупредувања и да знаат како да постапат во итни ситуации. Главната порака е
едноставна: Не можеме секогаш да ја спречиме поплавата, но можеме да го намалиме
ризикот и да се подготвиме да реагираме навреме.
Кампањата ќе продолжи со јавен настан на 18 октомври 2026 година, во просторот
„Школка“ во Градскиот парк во Скопје. Настанот ќе биде отворен за граѓаните од сите
возрасти и ќе понуди интерактивни и едукативни активности за подготвеност за поплави,
домашна итна торба, препознавање на ризиците, правилно постапување во итни ситуации иулогата на граѓаните во создавањето побезбедни и поотпорни заедници. Во активностите ќе учествува и Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Со започнувањето на кампањата, проектот ги повикува граѓаните да ги следат претстојните
објави и практични совети и да се вклучат во активностите.
Оваа недела научи како да го направиш твојот дом и твојата заедница поподготвени.
ЗНАЈ. ПОДГОТВИ СЕ. РЕАГИРАЈ.
Проектот „Подобрена имплементација на Директивата на ЕУ за поплави преку
усогласување на националното законодавство и подготовка на планови за управување со
ризикот од поплави“ е ко-финансиран од Европската Унија, а се спроведува од ЕПТИСА и
нејзиниот конзорциум, со Министерството за животна средина и просторно планирање
како корисник на проектот.