Отпорни на пандемијата: Португалија урива рекорди во производство на велосипеди


Производителите на велосипеди во Португалија се исплашија за својата иднина кога пандемијата на корона вирусот ги принуди во март да затворат два месеци, но 2020 година сега изгледа дека ќе биде нивна година, бидејќи луѓето избегнуваат јавен превоз и се одлучуваат за поздрави начини на движење.

Португалија, најголемиот производител на велосипеди во Европа, мораше да ги затвори своите речиси 40 фабрики и да ја стави својата 8.000 работна сила на принуден одмор за да го спречи ширењето на КОВИД-19, но сега се бори да остане во чекор со растечката глобална побарувачка.

„Кога затворивме на 13 март, мислевме дека ќе биде катастрофа, се исплашивме“, вели Бруно Салгадо, извршен член на управниот одбор на RTE Bikes, кој е сопственик на најголемата фабрика за велосипеди во Европа, во градот Гаја, во северна Португалија.

„Но, се покажа дека за нас е среќа во несреќа“, рече Салгадо, застанат меѓу две активни производни линии во фабриката, која произведе 1,1 милиони велосипеди минатата година.

Во светски рамки, луѓето се обидуваат да избегнуваат преполни возови и автобуси за време на пандемијата, претпочитајќи да возат велосипед, да пешачат или да џогираат до работа и до други дестинации.

Кристина Латоеира, државен службеник во Лисабон, вели дека пандемијата конечно ја убедила да потроши 800 евра на електричниот велосипед што долго време сонуваше да го купи.

„Стравот да се биде во многу зафатен јавен превоз, во зима, стравот од зараза ме натера да го изберам овој начин на превоз што го сметам за многу побезбеден“, вели оваа 42 годишна жена.

Како и повеќето други европски земји, во Португалија неодамна се забележува дека бројот на инфекции со КОВИД-19 повторно се зголемува по летното затишје.

Пораст на извозот

Португалија извезува околу 90 отсто од велосипедите што ги произведува, а нејзини клучни пазари се Германија, Франција и Италија.

Откако во Европа во текот на летните месеци почнаа да се олеснуваат блокадите наметнати за да запре ширењето на КОВИД-19, дистрибутерите низ континентот останаа без залихи, поттикнувајќи ги португалските производители да го зголемат производството и капацитетот.

„’РТЕ бајкс’ сега работи со полна пареа, произведува околу 5.000 велосипеди на ден, што е повеќе од просекот од минатата година во овој период кој изнесуваше од 3.000-4.000 велосипеди“, рече Салгадо.

Жоао Маја, генерален директор на In Cycles, ривалска фирма која произведе 87.000 велосипеди во 2019 година, забележа двојно поголема побарувачка.

„Во моментот, ние извезуваме велосипеди во сите земји во светот, вклучувајќи ги и земјите за кои се претпоставува дека се големи производители на велосипеди“, како што се Италија, Бугарија и Романија“, вели Маја, а електричните велосипеди беа наредени во производната линија зад него.

In Cycles планира двојно да ги зголеми своите производни линии на четири од овој месец и веќе има нарачки за околу 185.000 велосипеди во 2021 година, додаде Маја.

Дури и пред пандемијата, делумно поради зголемената загриженост за климатските промени и преминот кон поздрав начин на живот, производството на Португалија скокна за 42 отсто во 2019 година на рекордни 2,7 милиони велосипеди – речиси четвртина од сите произведени во Европската унија, покажуваат податоците на Евростат.

И покрај двомесечното затворање на фабриката во оваа година, Гил Надаис, генерален секретар на здружението на португалски производители на велосипеди „Абимота“, за Ројтерс изјави дека очекува земјата да го надмине минатогодишниот рекорд.

Лисабонскиот државен службеник Латоера сигурно не жали.

„Многу се двоумев дали да ја направам оваа набавка затоа што е велосипед, може да се украде“, рече таа. „Но, вредеше“. (Ројтерс)