„Отпакуван“ петтиот економски пакет – 29 мерки во износ од 160 милиони евра
Вкупно 9,7 милијарди денари или 160 милиони евра тежи петтиот економски антикризен пакет. Содржи 29 мерки, распоредени во четири главни столба: директна финансиска поддршка за компаниите во туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани со цел задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити со неповратна компонента, креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на Царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки, даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки, како и директна помош за граѓаните, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.
Заев на прес-конференција во Владата истакна дека 91,7 милиони евра од вредноста на пакетот се директни буџетски трошења.
И со новиот антикризен пакет предвидена е поддршка за исплата на плати, во февруари и март 2021 година за што се обезбедени 1,92 милијарди денари. Со оваа прва мерка ќе бидат опфатени околу 60.000 работници месечно, а поддршката ќе биде скалеста во износ од 14.500 до 21.776 денари. Ваквата поддршка за исплата на плати ќе биде последна, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања.
Новина е што компаниите нема да ги враќаат средствата од финансиската поддршка за исплата на плати за февруари и март, доколку ги инвестираат во наредниот период за раст и развој, без разлика дали ќе остварат добивка или загуба на крајот на годината.
Како критериум за доделување на мерката ќе биде економснкиот резултат, односно падот на приходите во ноември и декември 2020 и јануари 2021 во однос на ноември и декември 2019 и јанаури 2020 година.
Оваа мерка сега е опциска, односно компаниите ќе може да ја користат или неа или алтернативната мерка – кредити со нула проценти камата во дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, индустрија за организирање настани, транспорт, првиватни здравствени установи.
„За оваа мерка се проектирани 615 милиони денари или 10 милиони евра и за неа може да се аплицира во 2021 година. Средствата ќе се реализираат преку Развојната банка“, истакна премиерот Заев.
Една од мерките, која и претходно беше најавена, е за бришење на каматите на долговите што граѓаните ги имаат кон јавните претпријатија.
Со оваа мерка не се опфатени каматите на долговите кон приватните компании ЕВН, БЕГ и други приватни претпријатија кои даваат јавни услуги, но премиерот Заев ги повика и нив доколку се во можност, да се приклучат кон оваа акција.
„Со законските измени ќе им се нареди на јавните комунални претпријатија, јавните претпријатија на државно ниво, Управата за јавни приходи и други јавни институции, како и на општините, да им ги простат долговите на граѓаните по основ на камати во висина од 100 проценти. Тоа се однесува за сите физички лица во земјава. Главнината која ја должат повеќе од три месеци по однос на испорачани комуналии и други јавни услуги ќе можат да се репрограмираат со плаќање за вкупно 12 рати, а притоа да се избрише каматата“, појасни Заев.
Реализацијата на мерката за репрограмирањето ќе се направи преку јавен повик во траење од пет месеци, период во кој граѓаните ќе можат да побараат репорограмирање на долговите.
Како што појасни Заев, ќе се направи интервенција во Законот за трговски друштва со што сите оние институции и претпријтија кои ќе ја избришат каматата, нема да плаќаат данок на добивка на избришаното.
Поддршка ќе добијат и тутунарите за што се предвидени 307,5 милиони денари.
Една од мерките се однесува на занаетчиите на кои годинава ќе им се овозможи решенијата за аконтативно плаќање на персоналниот данок да им бидат намалени за 50 отсто споредбено со решенијата од 2020 година.
Самостојните вршители на дејност, пак, кои согласно Законот за данок на личен доход беа ослободени од плаќање на аконтации до 31 март 2021, со предложените мерки им се одложува обврската до 30 јуни 2021 година. Вредноста за оваа мерка е 15 милиони денари.
Финансиска поддршка ќе добијат и меѓународните транспортери со вкупно околу илјада вработени, а кои вршат меѓународен линиски или слободен превоз на патници.
Една од мерките се однесува на поддршката од 3.000 до 10.000 евра за компании кои имаат пад на приходите во 2020 за повеќе од 50 отсто споредено со 2019 година.
„Ќе се реализира скалесто во зависност од падот на приходите од 50 отсто па нагоре и е предвидена за регистрирани компании кои вршат транспорт на патници. Износот за реализација на оваа мерка е 40 милиони денари за околу 200 корисници“, рече Заев.
Околу 5 милиони евра, односно 307,5 милиони денари, се предвидени за Кредитна гарантна шема со што ќе биде креирана нова гарантна кредитна линија дистрибуирана преку Развојната банка.
„Се очекува државата да биде гарант за кредити кои компаниите ќе ги земат од комерцијалните банки во износ од околу 30 милиони евра“, рече Заев, додавајќи дека се продолжува и грејс периодот за плаќање на обврските за корисниците на кредитите од кредитната линија „Ковид 2″ кај Развојната банка до крајот на 2021 година.
Поддршка ќе добијат и индустријата и операторите за организација на настани за реализација на проекти од исклучителен јавен и државен интерес во висина од 61 милион денари.
Оваа мерка е наменета за правните субјекти кои организираат јавни настани, односно маркетинг и ивент агенции, продукции и други оператори од индустријата за организација на настани, со што меѓу другото ќе се ангажираат и изведувачи, едукатори, културни работници, уметници, музичари и други професии од оваа ивент индустријата кои се директно погодени од пандемијата.
За хотелите кои функционираат надвор од туристичките центри е предвиддена поддршка од 64,6 милиони денари и таа ќе се пресметува по регистрирани легла кај хотелите и согласно методологијата за категоризација која ќе биде дефинирана од Министерството за економија.
За извозните компании е предвидена финансиска поддршка преку основање Фонд за поддршка на извозни компании во висина од 615 милиони денари, кој ќе се воспостави преку Развојната банка. Се работи за евтини кредитни продукти за компании кои најголемиот дел од своето производство го извезуваат.
Во новиот пакет мерки се вбројуваат и укинувањето на царинските стапки за 71 суровина до крајот на 2021 година со фискални импликации од 436,6 милиони денари, како и веќе донесената мерка наменета за извозните компании со важност до крајот на 2021 година ссо која се укинуваат или намалуваат царински стапки за 31 суровина и за месо. Фискалните импликации од оваа мерка се 228,2 милиони денари, како и мерката за усогласување со правилата и царинскиот третман на производите и услугите на пазарот во Северна Македонија со единствениот пазар на Европската Унија и пазарите на земјите членки на Светската трговска организација. Проценетите фискални импликации се околу 615 милиони денари.
Предвидена е помош и за 245 компании кои имаат активни договори како и за потенцијално новите компании кои ќе инвестираат според Законот за финансиска поддршка на инвестиции, како и за микро, мали и средни претпријатија, како и за приватните здравствени установи. Финансиска поддршка преку кофинансирана помош за технолошки развој за забрзан економски раст во период на ковид – преку Фондот за иновации и технолошки развој во висина од 369 милиони денари.
Во најновиот владин економски пакет е предвидена пренамена на средства од блок дотациите кои општините ги имаат заштедено или неискористено во текот на 2020 и 2021 за капитални инвестиции.
Една од мерките се однесува на Ромите претприемачи преку креирање на „Мечинг фонд за претприемништво за Роми”.
„Вредноста за оваа мерка е 123 милиони денари за 2021 година, а наменета е пред се за микро и малите компании кои имаат ризици во работењето. Исто така, намерата е голем дел од оваа ранлива категорија граѓани да добие финансиска поддршка со цел формализирање на нивната дејност. Регионалната ромска програма РЕДИ има определено износ од околу 1 милион евра за Северна Македонија, за што упатуваме огромна благодарност, а нашето финансиско учество во овој фонд се очекува да биде на слично ниво““, рече Заев.
Како последна 29-та мерка, е поддршката за дигитална трансформација на бизнисите кои имаат ниско ниво на дигитализација со цел побрза пост-ковид ревитализација. Оваа мерка вклучува низа поволности наменети за малите и микро претпријатија во вкупен износ од 25 милиони денари за 2021 година.
Зборувајќи за досегашната поддршка, Заев нагласи дека стопанството е поддржано како никогаш досега.
„Дополнително, редовно се исплаќаат платите, пензиите, социјалната заштита, и ги реализираме сите мерки за поддршка на економијата и граѓаните“, рече Заев, додавајќи дека во 2020 поддржани се над 840 компании со повеќе од 65 милиони евра, со над 17 милиони евра се поддржани 400 инвестициски компании со директна поддршка, преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и мерките од Планот за економски раст со 11,5 милиони евра се поддржани 140 компании кои инвестираа во 2019 година, а за 39 странски компании кои функционираат во зоните и надвор од нив, преку мерките за кои се склучени договори, во 2020 се исплатени 25,6 милиони евра, и преку инструментите на ФИТР во 2020 година се исплатени 8,5 милиони евра на 266 компании.
„Сега е вистински момент да продолжиме да ја стимулираме развојната компонента на компаниите кои покажуваат проактивност, резултати, вработуваат и придонесуваат за развој на националната економија“, рече Заев.
Тој исто така наглаи дека нановиот економски пакет директно се надоврзува на претходните четири и има за цел да ја придвижи економијата кон стапки на раст од 4 – 5 проценти, односно на динамиката на раст пред пандемијата.
Поддршката од повеќето мерки, рече, ќе се користи до крајот на 2021 година за да имаат влијание и ефект врз економијата. Мерките се донесени низ дијалог и партнерство со сите релевантни чинители – стопанските комори, работодавачите и синдикатите, како и изминатите четири пакети, проследени со сериозни анализи од институциите.
„Мерките ќе го заокружат процесот на директна поддршка со што преминуваме во фаза на излез и закрепнување од кризата. Тоа значи дека доаѓаме повторно во време на стабилност и развој, состојба која со овие мерки дополнително очекуваме да се стимулира. Со кредити со ниски камати и преку системски мерки согласно планот за раст на среден и долг рок, ќе биде поддржана економијата во целина. Очекуваме посериозни стапки на раст на БДП во вториот квартал на 2021 година“, истакна премиерот.