Отпадот ќе биде енергенс кога граѓаните ќе бидат убедени дека не им го загрозува здравјето


Нема циркуларна економија доколку отпадот не го користиме како енергенс и не ги заштитиме и заштедиме природните ресурси. Македонската Асоцијација за управување со цврст отпад – МаСВА реагира на донесувањето на новиот Закон за управување со отпад со кој се забранува увоз на отпад што се користи како извор на енергија.

Финалната употреба на отпадот како енергенс или како друг производ, посочуваат, го заокружува целиот систем на правилно третирање на отпадот и придонесува кон намалување на несаканите и штетни последици по животната средина кои настануваат со негово одлагање на депонии.

„Светски воспоставена е праксата на селектирање на отпадот, негово рециклирање и преработка за понатамошна употреба, која е широко применета и гарантира соодветен третман на отпадот. Реупотребата на соодветно третирани остатоци од отпад гарантирано ја намалува употребата на природни ресурси и обезбедува воспоставување на принципи на циркуларна економија и нула-отпад“, велат од Асоцојацијата и апелираат дебатата за на оваа тема да се води на стручно ниво.

Пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин, еден од предлагачите на новиот Закон за управување со отпад со кој се забранува увоз на отпад што се користи како извор на енергија, пак смета дека мора да се воспостават ефикасни контролни механизми, кои ќе го исклучат секој сомнеж за злоупотреби е клучниот момент за да може отпадот повторно да се користи како енегренс.

Со новиот Закон се забранува увоз на отпад за складирање заради отстранување и увоз на опасен отпад што е измешан со неопасен отпад или со други компоненти кои ја намалуваат штетноста и опасните карактеристики на отпадот.

Таа вели дека решението не е трајно и секогаш може да се смени, но доколку претходно граѓаните и јавноста се уверат дека согорувањето на отпадот нема да го загрозува нивното здравје.

„Главниот проблем е што ние немаме релевантни информации ниту пак ефикасен систем. Тоа буди сомневање, дали она што се декларира е вистинскиот состав на отпадот. Немаме акредитирана државна лабораторија за анализа на мострите од отпадот, па резултатите повторно се под сомнение, а кај јавноста постои голема недоверба. Од друга страна затајува и контролата на емисиите кај самите инсталации. Заради тоа сметавме дека ова е добра привремена мерка додека не се воспостави ефикасен систем на контрола во кој сите ќе имаат доверба“, вели Морачанин. (С.Н.)