Отпадот и климатските промени – интервју со Теодора Обрадовиќ Грнчаровска, државен советник за климатски промени во МЖСПП


Климатските промени се проблем со кој веќе се соочуваме. Причините за оваа појава се многубројни и комплексни и сите ние придонесуваме за нив. Во светски рамки, за еден од главните извори на стакленички гасови се смета отпадот, кој не е соодветно отстранет и третиран. За влијанието на отпадот врз климатските промени и како Р. С. Македонија се справува со овој проблем на национално ниво разговараме со Теодора Обрадовиќ Грнчаровска, државен советник за климатски промени – Министерсво за животна средина и просторно планирање (МЖСПП)

1.Што подразбираме под климатски промени, кои се причините за ваквата појава и со употреба на кои политики и пракси би можело да се намали ефектот од климатски промени?

Луѓето сè повеќе влијаат на климата и на температурата на земјата со согорување на фосилни горива, сечење шуми, одгледување добиток итн. Овие активности додаваат огромни количини на стакленички гасови на оние кои природно се појавуваат во атмосферата, зголемувајќи го ефектот на стаклена градина и глобалното затоплување. Исто така и природните процеси, како што се промените во сончевата енергија и вулканските ерупции, влијаат на климата на Земјата.
Според дефиницијата на Рамковната Конвенција на Обединети нации за климатски промени, „климатски промени“ значи промена на климата што се припишува директно или индиректно на човековата активност, што го менува составот на глобалната атмосфера и која е како додаток на природната климатска варијабилност забележана во споредливи временски периоди.
Политиките и мерките со кои можат да се намалат климатските промени, се оние, кои имаат потенцијал за намалување на емисиите на стакленичките гасови (секторот енергетика-вклучително со потсекторите транспорт/градежништво/снабдување со енергија, земјоделство, шумарство, употреба на земјиште, отпад), сите објаснети во аналитичкиот документ на Засилен национален определен придонес кон Договорот од Пaриз.

2. Објаснете како Ревидираниот национален утврден придонес кон Договорот од Париз се фокусира на ублажувањето на климатските промени?

Како одговор на одлуката на Конференцијата на страните (Conference of the Parties-COP) во Париз, повторена со одлуката од 2018 година на COP24 во Катовице, и во согласност со Одлуката на Владата од нејзината 65-та седница одржана на 13 април 2021 година, Република Северна Македонија го усвои и извести следниот документ засилен Национално определен придонес (NDC) кон глобалните напори за намалување на емисиите на стакленички гасови: во 2030 година, 51% намалување на емисиите на стакленички гасови во споредба со нивоата од 1990 година, или изразено во нето емисии, во 2030 година, намалување од 82% во споредба со нивоата од 1990 година. Главните компоненти на подобрувањето на националениот придонес се реализираат во следните области: амбиција за ублажување, имплементација и комуникација.

3. Кои се придобивките од циркуларната економија врз намалувањето на емисиите на стакленички гасови со цел да се идентификуваат можностите и предизвиците за ублажување преку подобрување на циркуларните практики при управување со отпадот, во согласност со Европскиот зелен договор и Акцискиот план на ЕУ за циркуларна економија?
.
Вкупната заштеда на емисии е еднаква на 201% од емисии од отстранување на цврст отпад, 156% од емисии од oтпад и индустриски процеси и 111% од секторот за употеба на производи. Тоа значи дека со промена, кон користење практики на циркуларна економија, дури иако е ограничено на само 6 студии на случај, доволно е за да се направи баланс на емисиите кои доаѓаат од одлагање на цврст отпад (скоро двојно) и емисиите од отпад и индустриски процеси и од секторот за употеба на производи.

4. Во колкава мера секторот отпад придонесува во вкупните стакленички гасови што ги генерира нашата држава и кои се одржливите практики што видно може да придонесат за подобрување на ефектите од постапувањето со отпадот? Дали искористувањето на отпадот како алтернативно гориво во постројки за согорување може да направи разлика во позитивна смисла?

Емисиите од секторот Енергија го имаат најголемиот удел – 73.7% во 2016, потоа секторот Земјоделство (без Шумарство и друго користење на земјиште) со удел 11.8%, Индустриски процеси и користење на производи 8.5% и секторот Отпад 6%. Уделот на емисиите од секторот Енергија е доминантен за цело време во временската рамка 1990-2016.
Емисиите од секторот Отпад се зголемeни за 50% помеѓу 1990 и 2016 (тој е најбрзорастечки), повеќето од емисиите се од отстранување на цврст отпад, билошки третман на цврст отпад, согорување и горење на отпад на отворено, третман и испуштање на отпадни води.

Емисии на стакленички гасови и отстаранување на стакленички гасови по сектори (во Gg CO2-eq)

Извор: Трет двогодишен извештај за климатски промени

  1. Анализата на мерки за ублажување на емисии на стакленички гасови во секторот Отпад се:
    2. Палење на депониски гас
    3. Механички и биолошки третман во новите депонии со компостирање.
    4. Селектирање на отпад – хартија.
    5. Подобрено управување со отпад и материјали во индустриските постројки.

5. Објаснете ги новите цели кои си ги постави Република Северна Македонија во Ревидиран национален утврден придонес од 2020 година во однос на Националниот утврден придонес од 2015 година.

Главните компоненти на подобрувањето на националениот придонес се реализираат во следните области: амбиција за ублажување, имплементација и комуникација. Дополнително на овие цели, беа вградени и резултатите од анализите на потенцијалот за намалување на емисиите на стакленички гасови во неенергетските сектори, односно анализирани се вкупно 63 политики и мерки за ублажување во следните сектори: Енергетика (вклучително: набавки на енергија, домување и неодредени, индустрија, транспорт); Земјоделство, шумарство и друго користење на земјиштето, Отпад и дополнителни мерки (т.н овозможувачи на мерки за ублажување).
Со усвојувањето на Долгорочната стратегија за климатска акција со Акцискиот план, државата ги постави своите долгорочни цели и визија. Долгорочна визија на Република Северна Македонија до 2050 година ќе биде просперитетна економија со ниска содржина на јаглерод, која следи одржливи и климатски отпорни патеки за развој, ја подобрува конкурентноста и промовира социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нејзините влијанија.

6. Објаснете како користењето на алтернативни извори на енергија има клучна улога во намалувањето на емисиите на CO2 кој во големи количини се испушта во атмосферата при користење на конвенционални горива, односно фосилни горива?

Користењето на алтернативни извори на енергија има клучна улога во намалувањето на емисиите на CO2 кој во големи количини се испушта во атмосферата при користење на конвенционални горива, односно фосилни горива.
Токму зголемувањето на домашните капацитети за производство на енергија од обновливите извори на енергија се вклучени во анализираните политики и мерки за намалување на емисиите на стакленичките гасови во висина од околу 750 GgCO2eq до 2030 година.


7. Објаснете го потенцијалот за ублажување на климатските промени во земјата со вклучување на приватниот сектор.

Дел од мерките што се поврзани со индустрискиот сектор, а се наведени во ревидираниот национален поднесок се:
– Управување со енергија во производствените индустрии
– Воведување на понапредни технологии
Како т.н овозможувачка мерка (мерка за која не може квантитативно да се пресмета потенцијалот на ублажување), анализирана е мерката Зголемување на улогата на секторот за Средни и мали претпријатија, каде се поттикнува секторот Средни и мали претпријатија да го прошири своето портфолио на услуги и производи во обновливи извори и енергетска ефикасност.

8. Објаснете некои политики и мерки од секторите индустрија, земјоделство, и секторот отпад, кои претставуваат целни сектори за климатска акција?

Мерки во делот на земјоделието се: намалување на емисиите на CH4 од ентерична ферментација кај млечните крави за 3%, намалување на емисиите на N2O од управувањето со ѓубриво кај млечните крави за 20% и намалување на емисиите на N2O од управувањето со ѓубриво на свињарските фарми за 13% и многу други
Мерки во секторот отпад се: ефикасно управување со процесите за производство во индустријата со цел да се зголеми производството употребувајќи ја истата потрошувачка на енергија, воведување на ефикасни електрични мотори и воведување на понапредни технологии.
Мерки во секторот отпад се: палење на депониски гас, механички и биолошки третман (МБТ) во нови депонии со компостирање, селектирање на отпад- хартија и подобрено управување со отпад и материјали на индустриските постројки.