Откриено првото гнездо на „стршлени убијци“ во САД
Државните ентомолози во Вашингтон оваа недела го открија првото гнездо на џиновски азиски стршлени, соопштија официјалните лица
„Стршлените убијци“ за прв пат беа забележани во државата кон крајот на минатата година, а ентомолозите оттогаш беа во состојба на готовност за масивните инсекти, кои можат да уништат популации на пчели.
По неколку недели пребарување, ентомолозите на државниот оддел за земјоделство во Вашингтон го лоцираа, како што рекоа, првото гнездо од ваков вид во САД, во Блејн, северно од Сиетл во близина на границата со Канада.
Гнездото е пронајдено откако четири живи стршлени беа фатени оваа недела во стапици на земјоделскиот оддел поставен во оваа област. Ентомолозите беа во можност да закачат радио тракери на три од стршлените, а еден од нив ги доведе до гнездото – сместено во шуплината на дрво на приватен имот, соопштија официјалните лица. Тимот забележа десетици стршлени кои влегуваа и излегуваа од дрвото, пишува „Еј-Би-Си њус“.
Сопственикот на имотот ѝ дал дозвола на агенцијата да го искорени гнездото и, доколку е потребно, да го отстрани дрвото, рекоа официјалните лица.
Првото потврдено откривање на азиски гигантски стршлен во САД беше во округот Вотком во државата Вашингтон, во декември, со два проверени извештаи за инсектот во близина на Блејн. Минатата есен беа откриени и два стршлена во Британска Колумбија, Канада.
Оттогаш, 20 стршлени се фатени во округот Ватком, според државниот оддел за земјоделство на Вашингтон.
Стотици стапици беа поставени низ Вашингтон од вработените во државниот оддел за земјоделство, научници и други, во обид да се елиминира штетникот. Најголемиот стршлен на светот, два инчи, врвен грабливец може да убие цела кошница пчели за само неколку часа. Бидејќи популацијата на пчелите веќе опаѓа во САД, во она што е познато како „нарушување на колапс на колонија“, стршлените претставуваат друга закана за екосистемот.
За луѓето, убодот на стршленот е поболен од оној од типична пчела или оса, а на луѓето им се препорачува да бидат внимателни кога се во близина на инсектите и самите да не се обидуваат да ги отстранат или искоренат гнездата.
По потекло од азиските земји, вклучувајќи ги Кина и Јапонија, не е познато како стршлените пристигнале во северозападниот дел на Пацификот, иако една од теориите е дека тоа било преку меѓународен товар.