Откриена новата кула на Нотр Дам во Париз со златен петел и крст на врвот


Новата кула на париската катедрала Нотр Дам има крст и златен петел на врвот, дизајниран да личи на феникс со запалени пердуви, што го симболизира издигнувањето на средновековната зграда од пепелта.

Скелињата околу кулата вчера се отстранети речиси пет години по пожарот, а се претпоставува дека преостанатиот процес на отстранување на сите скелиња би можел да потрае со недели, ако не и месеци, пренесува Еуроњуз.

Новата кула на катедралата, со својот златен петел и крст, беше заштитена со околу 70.000 парчиња скелиња, тешки вкупно 600 тони, пренесува Си-Би-Ес њуз.

Отворањето на катедралата е најавено за 8 декември 2024 година, што значи дека нема да биде отворена за јавноста за време на Летните олимписки игри кои оваа година се одржуваат во јули и август во Париз.

Луѓето ширум светот собраа повеќе од една милијарда долари за да помогнат во обновата на Нотр Дам по големиот пожар во 2019 година, за кој иследниците сметаат дека најверојатно бил предизвикан од краток спој.