Откриена егзотична црна дупка
Астрономите во галаксијата која се граничи со нашиот Млечен пат забележаа космичка „игла во пласт сено“ – „заспана“, односно неактивна црна дупка чие настанување, како што се чини, не е резултат на експлозија на ѕвезда што умира.
Научниците појаснуваат дека оваа црна дупка се разликува од досегашните познати црни дупки по тоа што не емитира моќни рендгенски зраци кои со својата силна гравитација го јаде околниот вселенски материјал и затоа што не е родена во експлозија на ѕвезда позната како супернова.
Супернова се случува кога масивна ѕвезда ќе го потроши своето нуклеарно гориво, при што јадрото станува нестабилно, па колабира. Црните дупки се неверојатно густи објекти со толку силна гравитација што ни блиска материја, светлост или радијација не може да им побегне.
Девет пати потешка од Сонцето
Новооткриената црна дупка има маса девет пати поголема од нашето Сонце, а откриена е во подрачјето на Тарантула Небула, дел од галаксијата Голем Магеланов облак, 160.000 светлосни години од Земјата. Светлосната година е оддалеченост која светлината ја поминува за една година – 9,5 милијарди километри.
Во своевиден „ѕвезден брак“, со оваа црна дупка орбитира сјајна и жешка сина ѕвезда чија маса е 25 пати поголема од Сонцето. Се работи за ткн. бинарен состав наречен VFTS 243. Научниците веруваат дека ѕвездата-придружничка најпосле, исто така, ќе стане црна дупка и можно е да се соедини со веќе постоечката.
Идентификувавме игла во пласт сено
Заспаните црни дупки, за кои се верува дека се релативно вообичаени, многу тешко е да се воочат затоа што нивната интеракција со околината е занемарлива. „Голем предизвик е да се откријат вакви објекти“, вели астрономот Томар Шенар од универзитетот во Амстердам и водечки автор на студијата во магазинот „Природна астрономија“.
„Идентификувавме игла во пласт сено“, вели Шенар.
Тое е прв објект од такво вид кој астрономите го откриле по децении истражување, потврди Карим Ел-Бадри, од Харвард и Смитсон Центарот за астрофизика.
Како е откриена?
Шест години го користеле огромниот телескоп во Чиле, во пустината Атакама. VLT е назив на четирите телескопи на Европската јужна ѕвездарница или ESO (European Southern Observatory) сместени на висорамнината Церо Паранал, со огледала со дијаметар 8,2 метри.
Постојат повеќе категории црни дупки: од најмали, кои настануваат со рушење на големи ѕвезди на крајот од нивниот животен циклус, до средни и големи црни дупки сместени во средината на големи галаксии.
„Црните дупки во суштина се објекти кои не емитираат никаква светлина. Затоа, за да ги откриеме, обично трагаме по бинарни состави во кои едната е блескава ѕвезда која се движи околу друг, неоткриен објект“, вели Јулија Боденстајнер, постдокторандка во Европската јужна ѕвездарница во минхен.
Обично рушењето на масивни ѕвезди во црни дупки се поврзува со силна експлозија на супернова, но во овој случај ѕвездата, можеби и со маса 20 пати поголема од Синцето, на својата издишка отпуштила во вселената дел од својот материјал и потоа се срушила во самата себе, без експлозија.
Немилосрдни се
Тоа научниците го заклучуваат и по нејзината речиси совршена кружна орбита. „Да дошло до супернова, силата на експлозијата новоформираната црна дупка би ја отфрлила во непредвиден правец и би формирала елипсовидна, а не кружна орбита“, објасни Шенар.
Додава дека во составите на ткн. заспани црни дупки, ѕвездата-придружник е доволно далеку за материјалот да се акумулира околу црната дупка и потоа да се загрее и да емитира рентген зраци. „Место тоа, црната дупка веднаш го јаде“, вели Шенар.
Боденстајнер истакнува дека црните дупки се „немилосрдно грабливи“. „треба само објектот да им е доволно близу и веднаш ќе го изедат“, вели таа.