Откриен изворот на наредбата што ги парализираше украинските дронови


Наредбата за ограничување на сателитскиот систем „Старшилд“ (Starshield) – кој е клучен за комуникацијата и управувањето со дроновите на украинската војска – дојде директно од Белата куќа.
Ова за агенцијата „Ројтерс“ го потврдија двајца американски претставници и еден претставник од Западот, запознаени со ситуацијата, пренесе СЕЕбиз.

Според нив, до претставниците во Министерството за одбрана била пренесена порака дека услугите на „Старшилд“ за Украина треба да се забават. Претставниците, кои зборуваа под услов да останат анонимни, не прецизираа кој во рамките на Белата куќа ја донел одлуката, ниту кој бил задолжен за нејзино спроведување. Пентагон е, всушност, најголемиот корисник на „Старшилд“ – воената верзија на системот „Старлинк“ (Starlink) на компанијата „Спејс-икс“ (SpaceX).

Украинските власти оваа недела известија дека воените приемници на системот престанале да работат кога биле поставени на објекти што се движат со голема брзина. Ова ги попречило операциите на украинските дронови, кои се потпираат на „Старшилд“ за навигација над украинска територија. Извор од украинското Министерство за одбрана во четвртокот изјави дека приемниците сега функционираат додека се во движење, но само до брзина од 160 километри на час.

Одлуката за привремено ограничување на системот е донесена во момент кога претседателот Доналд Трамп врши притисок врз Киев да ги запре нападите врз руските рафинерии за нафта. Трамп смета дека овие напади предизвикуваат нагло зголемување на цените на енергенсите, што ги намалува шансите на неговата Републиканска партија на претстојните конгресни избори во ноември.

Експертите, сепак, проценуваат дека порастот на цените на енергенсите е првенствено последица на војната што САД и Израел ја водат против Иран. Овој конфликт доведе до ирански напади врз енергетски постројки и речиси доведе до затворање на стратешкиот Ормуски теснец.

Прашан за наредбата за ограничување на „Старшилд“, еден висок американски претставник изјави: „Претседателот никогаш немал такво барање“. Од Белата куќа не одговорија на прашањата дали можеби некои други претставници на администрацијата го упатиле тоа барање.

Во средата, извршниот директор на „Спејс-икс“, Илон Маск, на платформата „Икс“ (X) објави дека системите „Старшилд“ се во сопственост и под контрола на владата на САД. Според него, сите одлуки во врска со ограничувањата на брзината или употребата ги носат американската војска или претседателот. „Спејс екс“ (SpaceX) не одговори на барањето за коментар. Министерството за одбрана и Амбасадата на Украина во Вашингтон, исто така, не дадоа коментар.