Откази за 30.000 вработени – и гигантите потклекнуваат под корона кризата


Една од водечките компании за производство на авиони, американскиот „Боинг“, најави намалување на бројот на вработени и укинување на околу 30.000 работни места, бидејќи продолжува да губи приходи поради пандемијата што ја задуши побарувачката за нови авиони.

„Боинг“ соопшти дека очекува да го намали бројот на вработени на околу 130.000 до крајот на следната година, што е за 30 000 помалку отколку на почетокот на годината, пренесува АП.

Тоа е далеку повеќе од намалувањето за 19.000 вработени што го најави компанијата пред три месеци.

„Боинг“ го ажурираше својот план за вработување истиот ден кога објави загуба од 449 милиони долари за третиот квартал, што е заостаток од 1,17 милијарди долари што ги заработи во истиот период минатата година. Загубата сепак беше помала отколку што очекуваа аналитичарите.

Приходите паднаа за 29 проценти, на 14,14 милијарди долари.

„Боинг“ беше погоден од пад на приходите откако во март 2019 година беше повлечен неговиот „737 Max“ по две кобни несреќи, а потоа и поради пандемијата што доведе до драстично намалување на летовите и ги остави авиокомпаниите со повеќе авиони отколку што им беа потребни.

Компанијата неодамна ја намали прогнозата за побарувачката за нови авиони во следната деценија за 11 проценти поради пандемијата со корона вирусот. Некои аналитичари веруваат дека дури и таа намалена прогноза била премногу розова.