Откажувањето од глобализација ќе го загрози просперитетот, предупредува угледниот институт ИФО

Залагањата за помала глобална интегрираност, кои се слушаат во последно време поради пандемијата на коронавирус, би довеле до губење на приходите и просперитетот, се наведува во заклучокот на студијата спроведена од Институтот ИФО.

– Повлекувањето од глобализацијата, на пример преку враќање на производството во Германија во поголем обем, не би ја решило сегашната криза, вели Лисандра Флах, директорка на Центарот за меѓународна економија во ИФО институтот.

Таа додава дека студијата покажува дека, во случај Германија сега да направи пресврт од глобализацијата, тоа би ги направило економските последици од Ковид-19 само малку помали. Но на долг рок, повторна национализација и враќање на производството во земјата би имало огромни негативни последици за економската сила на земјата.

Според пресметките на институтот ИФО, кризата со коронавирусот веќе го спушти БДП на Германија на ниво од 2013 година. Во помалку глобализиран свет, сегашното ниво на германскиот БДП би се намалило на ниво споредливо со 1996 година.

„Точно е дека ударот на Ковид-19 повеќе влијае на глобализираните земји отколку на затворените економии. Сепак, глобализацијата веќе го крена економскиот раст на вклучените земји на ниво што никогаш не би го достигнале без создавање додадена вредност ширум светот“, се посочува во студијата на ИФО.

– Кризата погаѓа различни сектори во многу нерамномерен степен. Процентуално гледано, најтешко погодено е производството, особено во автомобилскиот и фармацевтскиот сектор, истакна Штајнингер.