Откажувањето на „Тур де Франс“ крај на професионалниот велосипедизам


Франција– Доколку се откаже Велосипедската турнеја на Франција, тоа може да доведе до финансиски колапс на целиот свет на професионалното возење велосипед, изјави Жан Франсоа Мињо од францускиот Национален центар за истражување, автор на книгата „Историја на Тур де Франс“.

Во моментов, организаторите на најпопуларното и најпрестижно велосипедско натпреварување во светот сè уште се надеваат дека ќе го одржат во рамките на програмата од 27 јуни до 19 јули, но се чини дека тоа е малку веројатно заради продлабочената глобална криза со КОВИД-19. Неодамна, стана јасно дека организаторите веќе планираат можно одложување на турнејата, но сè уште не разговараат за одложувањето на годинашното издание. Меѓутоа, ако се дојде до оваа екстремна опција, може да има многу лоши последици за светот на велосипедизмот.

– Откажувањето на турнејата ја отвора вратата за можен економски пад во целиот сектор, рече Мињо.

Обично, 21-дневната трка собира околу 12 милиони гледачи во живо по трасата, плус огромни приходи од телевизиските права и договорите за спонзорства. Сепак, не само организаторите, туку и учесниците се потпираат на овие средства.

– Работите се прилично едноставни. Ако турнејата не се одржи, некои екипи може да исчезнат, велосипедистите и вработените ќе останат невработени , рече пак Марк Мадио, шеф на францускиот тим „Групама“, кој има годишен буџет од 20 милиони евра.

Повеќето спонзори се во велосипедизмот само заради Турнејата околу Франција, целиот спорт е во центарот на оваа трка, додава Мињо.

– Доколку овие спонзори инвестираат пари, тоа е затоа што гледачите на телевизиите ги препознаваат дресовите на тимовите, а ова е единственотонатпреварување со толку голема публика. Речиси и да нема други спортови, што се толку зависни од едно единствено натпреварување.