Откажани сите летови од „Св. Апостол Павле“, аеродромот во Скопје функционира непречено


Летовите од и кон Македонија преку аеродромот во Скопје се одвиваат непречено. Сите летови пак, од и кон аеродрoмот во Охрид „Св. Апостол Павле“ се откажани.

На веб-страниците на аеродромите има поставено линк кон најважните информации во врска со развојот на ситуацијата со Ковид-19, мерките кои ги препорача Владата, како и линкови за заштита на патниците.

Скопскиот аеродром нуди и информации односно линкови до посебни превозници како „Свис ер“, „Катар Ервејс“, „Пегазус“, „Еделвајс“ , „Кроција ерлајнс“, „Ер Србија“, „Виз ер“, „ЛОТ“ и „Туркиш ерлајнс“.

За денеска има планирани летови кон Доха, Виена, Нирнберг, Меминген, Хановер, Дубаи, Базел, Загреб, Барселона, Цирих и Истанбул.

Во Скопје треба да долетаат авиони од Загреб, Нирнберг, Цирих, Фрајбург, Хановер, Истанбул и Барселона. Откажан е летот од Меминген.

На аеродромот поставени се термални камери со кои се проверува температурата на патниците, а доколку кај некој се забележат знаци на грип, тој се спроведува според медицинскиот протокол.

Сите патници се задолжени да пополнат прашалник во кој одговараат на прашања во врска со тоа од каде доаѓаат, со кого биле во контакт, дали чувствуваат знаци на болест и друго, а потоа треба да останат во самоизолација дома во следните 14 дена. Доколку подоцна добијат знаци на болест треба да се јават во центрите за јавно здравје по што ќе бидат медицински третирани.

Владата забрани влез на патници од земјите кои на листата на Министерство за здравство се означени како земји со висок, но и со среден ризик. Забрана важи за сите освен за оние за кои Министерството за внатрешни работи ќе даде дозвола, случаи кај кои има посебен државен или економски интерес.

Б. Богдановска