Откажан Евросонг 2020 во Ротердам


-Изборот на песна за Евровизија беше создаден по Втората светска војна со цел да ги обедини нациите од Европа, разделени по катастрофалната војна.

Шеесет и пет години подоцна Евровизија повторно е на голем тест, овојпат од пандемија која повторно ги раздели народите, терајќи ги да останат дома во изолација и да ги затворат границите.

Со огромно жалење ЕБУ денес соопшти дека мора да го откаже 65-тото издание на Евровизија кое беже закажано за 12-16 мај во Ротердам.

Во нивната официјална објава се вели дека во изминатите неколку недели биле разгледани сите алтернативи и опции Евровизија 2020 да продолжи понатаму. Но со оглед на непредвидливата ситуација со ширењето на вирусот COVID-19 низ цела Европа, рестрикциите од страна на владите на земјите учеснички, како и домаќинот Холандија, ЕБУ не може да продолжи со понатамошна организација на настанот.

ЕБУ ги замолува сите да бидат трпеливи до следните информации во текот на периодот којшто следува.

Македонската Радио Телевизија ќе ги следи и почитува одлуките на ЕБУ и ќе дејствува во координација со нив.

Македонски претставник годинава беше Васил Гарванлиев со песната „You“, авторско дело на Невенка Нешкоска (родена во Охрид, но порасната во Чикаго), работена заедно со нејзината сестра Калина Нешкоска, како и колешката од „Беркли“, Алис Шредер. Неодамна песната беше промовирана во македонската јавност.