Откажан АТП турнирот во Вашингтон

САД– Првиот турнир во календарот АТП закажан за средината на август и за продолжување на сезоната, Сити Опен во Вашингтон, е откажан поради проблеми предизвикани од пандемијата на коронавирус, велат организаторите.

Деновиве се појави страв дека може да се случи вакво нешто, некои медиуми објавија можност за откажување и се чини дека организаторите сè уште не биле во можност да ги надминат бројните и реални пречки.

Затоа сопственикот и директорот на турнирот, Марк Ејн, одлучи дека е најдобро за сите да не го одржат турнирот, кој требаше да започне на 14 август.

– Има премногу работи што не успеавме да ги решиме одвнатре, вклучувајќи ги и меѓународните ограничувања за патувања, се појавија одредени безбедносни процедури и сето ова нè принуди да ја донесеме оваа одлука, која е коректна кога станува збор за играчите, нашите партнери и добавувачи. Ниту еден од нив не треба да има неизвесност во однос на планирањето. Здравјето и безбедноста мора да бидат приоритет број еден овие денови, рече Ејн во изјавата.

Несомнено е дека ваквата одлука на организаторите на Сити опен, турнир во категорија АТП 500, негативно ќе влијае на одржувањето на УС Опен, што е предвидено да се одржи од 31 август до 13 септември.

Според моменталната состојба, продолжението на сезоната е преместено за 22 август и Мастерсот во Синсинати, кој ќе се одржи на терените во Њујорк, каде потоа ќе се одржи УС Опен.