Откажа радарот на Бањски Рид, М-НАВ најавува тендер за нов


Дотраената опрема на М-НАВ почна зачестено да откажува. Вчера од 7 часот наутро Скопската контрола на летање не добивала податоци од радарот на Бањски Рид. Станува збор за уред стар преку 20 години, кој бара посериозен зафат за да се оспособи, велат извори од М-НАВ.

Официјално и од М-НАВ и од Агенцијата за цивилно воздухопловство смируваат дека, и покрај падот на радарот, безбедноста на воздушниот простор не е нарушена.

„Безбедноста на воздушниот простор над Република Северна Македонија е на највисоко безбедносно и сигурносно ниво. Во однос на вашите наводи дека исклучување од системот на радарот кој се наоѓа на Бањски Рид се случува на секои неколку дена, поради дотраеност, ве известуваме дека М-НАВ освен радарот на Бански Рид има повеќе радари и скопскиот реон не зависи само од тој радар“, изјавија од провајдерот на навигациски услуги во Македонија.

Службите анализирале што да се прави во фактичката состојба. Зашто, целата контрола на летовите паднала на стариот радар.

„Информиран сум за застојот на основниот радарски систем од техничка природа. Постои бекап-систем, тоа е стариот радар, кој во моментов е во функција. Се работи на отстранување на техничкиот дефект на радарот на Бањски Рид. Истовремено се прави сигурносна проценка на процедурата за евентуално откажување и на бекап-системот. Не се безбедни само радарските приоди, безбедни се и процедуралните приоди по други радионавигациски средства, само што капацитетот евентуално ќе биде помал“, ни изјави директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев.

Безбедносната проценка треба да каже дали ќе има евентуални рестрикции на летови на скопскиот аеродром.

Од М-НАВ велат дека размислувале за обновување на воздухопловно-техничките средства.

„Веќе е направена надградба на радарот во Охрид, а за другиот за кој во моментот е издаден НОТАМ (итно воздухопловно известување) ве известуваме дека е потребна замена на одредени делови, за што се изготвува договор и сме во преговори за потпишување договор за одржување на овој радар. За третиот радар, кој е во постапка за набавка преку кредитната линија склучена со Европската банка за обнова и развој, веќе е доставена тендерската документација до консултантот, од каде што се чека согласност. По одобрувањето на тендерската документација од страна на ЕБОР, овој повик за набавка ќе биде објавен во меѓународните и домашните јавни гласила. Овој радар се планира да биде ставен во оперативна функција за една година“, изјавија од М-НАВ.

Секторот за воздухопловна техника, кој се грижи за радарот и другата воздухопловна опрема, во моментов нема директор. Тој беше сменет на крајот на март, откако беа распишани претседателските избори (8 февруари). Надзорниот одбор тогаш изјави дека смената е по насоките што ги добиле од Владата. Нов директор, кој истовремено е и член на УО на М-НАВ, не е поставен.

„Ви укажуваме дека сите ингеренции на извршниот директор на Секторот за воздухопловна техника ги има соодветно и заменик-директорот на овој сектор и безбедноста и сигурноста на уредите и системите во М-НАВ АД Скопје не е доведена во прашање“, децидни се од М-НАВ.

Анита Салтировска