Отешево со ваучер – далеку од Европа


Втор на листата што нуди летување со ваучери што граѓаните ги добија како дел од мерките поради епидемијата од корона вирусот е автокампот „Европа“ во Отешево, но луѓето кои одлучија таму да го поминат летниот одмор годинава, длабоко се каат.

Имено, семејство од Скопје, со две деца на училишна возраст веќе три дена престојуваат во бунгаловите на „Европа“, но освен името на автокампот, ништо друго не е европско.

Деновиве е врнежливо во Македонија, особено во западниот дел, па и на луѓето не им се погоди времето и мораа да останат во сместувачкиот капацитет, место да одмораат на плажа покрај езерото.

Тие се вознемирени од тоа што таванот е мокар, а се плашат дека може да им падне на глава.

Тоалетот го има, но тој е посебна приказна, на секое туширање се поплавува, а не функционира ниту чешмата во кујната, се пожалија нашите соговорници.

Во собата има телевизор, но постар не може да биде, па така, служи само за „украс“, евентуално за полица.

Три дена, со две деца, во мала, непријатна соба, без телевизија, звучи како приказна од крајот на шеесеттите години од минатиот век, во некоја пустелија. За потсетување, сега сме 2020 година или 21 век, ако сакате, но зборот пустелија потполно одговара за опис на одморалиштето. Во близина нема ниту еден угостителски објект, ни кафуле, ни бар. Единствено добро во тоа е што не мора да се внимава на растојанието меѓу гостите, во оваа година на пандемија.

На страницата на автокампот https://avtokampotesevo.wixsite.com/otesevo, стои дека бунгаловите се реновирани, но не може да се види кога било тоа. И да е така, очигледно реновирањето е направено неквалитетно, па таваните прокиснуваат на малку поголем дожд.

Девојката на која се пожалиле дека таванот прокиснува не се обидела ни да ја ублажи ситуацијата, туку едноставно рекла:„Во право сте“.

Требаше на одмор да останат до 13 август, но денеска се спакуваа и си заминаа за Скопје, што поради тоа што не им се погоди времето, што поради тоа што не им се погоди ниту „македонската гостопримливост“.

А природата дала, убава шумичка во која се сместени бунгаловите и камп-приколките. Воздух да се надишеш. Борови и елки вишат гранки кон небото и фрлаат ладовина наоколу.  Но, под нив, паркирани автомобили, од гостите, од вработените… Потаму, два трактора, едниот дури и со церада покриен да се заштити од временските непогоди, а нива за орање нема на виделина. Меѓу две елки врзана платнена лежалка, но глетката ја расипува на неколку чекора оставената приколка, која чека да биде зкаачена на некое возило и да си ја врши работата. Се прашуваш дали е одморалиште или полигон, градилиште, земјоделско земјиште… По патеките исполегнати кучиња, сигурно без сопственик. Можеби се кротки, но ако настрада некој од гостите, кој ќе одговара? А езерото, во близина, мами да влезеш во водата.

За овој „луксузен одмор“ плаќате 950 денари од ноќ, ако останете најмалку седум дена, а ако сакате помалку, цената е 1.200 денари. Семејството од Скопје за овие три дена го потроши само ваучерот што им го додели државата. Затоа што времето не им се погодило, во летувалиштето „Европа“ ги поканиле да појдат на викенд во септември. За временските услови им се извиниле, а за условите за сместување само кренале раменици.

Мерката  за туристички ваучер предвидува сите вработени граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари месечно да добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти, но и платежна картичка од 3.000 денари која ќе може да ја користат во сите угостителски објекти во државата. Ваучер ќе им биде доделен на сите вработени граѓани кои во периодот од јануари до април 2020 година не оствариле вкупни нето приходи од плата и надоместоци од плата не поголеми од 60.000 денари според податоците од Управата за јавни приходи.

Беше предвидено 130.000 луѓе да добијат ваучер.

Некогаш овој крај важеше за воздушна бања, особено за оние кои имаа проблеми со дишните патишта. И сега важи, но се помалку луѓе престојуваат таму. Јасно е зошто е тоа така.

Се додека во нашето не вложуваме, а вадиме пари, се додека ништо не реновираме на одредено време, а цените само ги зголемуваме, на профит од туризам не треба да се надеваме. Па нека се и државни пари, наши се, ама за нас, не се.(Б. Богдановска)