Отец Пимен на гробот на свети Кирил: Место да се радуваме за богатството на јазиците – со препираме чиј си


Митрополитот Европски г. Пимен денеска отслужи молебен на гробот на свети Кирил во Рим. Во состав на државниот дел од делегацијата, која се поклони на гробот на Свети Кирил, во црквата Сан Клементе, беа и директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски, македонската амбасадорка при Светата Столица Марија Ефремова, генералниот конзул во Венеција Стојан Витанов и вршителот на должност во македонската амбасада во Италија Магдалена Димова.

„Ако поради пандемијата, лани, помен на гробот твој, свети Кириле, не направивме, ако поради новото нормално во мал број сме дошле денес, знаеш ти, мудар философе и просветителу наш, преку мудроста од Божјата премудрост тебе дарувана, дека почитта кон тебе ама ни малку не ни се намалила, ниту љубовта ни оладила. А и како би, кога барем две букви, во најкраток збор соединети, од нас прочитани на тебе свети Кириле нѐ потсетуваат. Нѐ потсетуваат, зашто преку тие букви, од тебе нам дадени, сме се описмениле како народ и за Бога и на верата во Бога нѐ научиле. Зашто, преку тебе го научивме словото за Христа Бога. Зашто, големо е делото твое да покажеш дека нема избрани јазици за проповед на Големината Негова, туку дека најдобар јазик за да Го запознаеме Христа е јазикот на кој што сме го изговориле првиот збор во нашите животи. Јазикот кој го разбираме и го зборуваме, а не јазикот за кој што некој и денес, откако пред милениум цел ти ја разби тријазичната ерес, тврди дека е четвртиот во избраните“,пишува владиката Пимен по повод чествувањето на денешнито ден.

Понатаму, владиката Пимен вели македонскиот јазик на кој денеска се обраќа е плод на писменоста на која Кирил ги научил претците.

„Стојам тука пред гробот твој и знам дека наместо да те радуваме со богатството на јазиците на кои ти се обраќаме, со нашите препирки чиј си и кому си му го оставил писмото и правото неразумно да го чува, те растажуваме. Затоа, свети Кириле, те молам во светоста твоја, пред Бога стоејќи во Царството Небесно, моли Го Спасителот наш да нѐ потсети сите нас што спомен ти славиме, дека она што на братот наш му го правиме, Нему Му Го правиме. Та белким така омудрени, рака еден кон друг ќе си пружиме исправени во очи гледајќи се, наместо постојано наведнати да бидеме, едните – камен на сопнување пред ногата на братот да поставуваме, а другите – да се наведнуваме за тој камен од патот кон Него да го тргаме. Моли Го Бога тие камења наместо за препреки, за градење цркви и мостови да ги употребуваме“,пишува Пимен.

Додава дека свети Крили е премногу голем, за да биде љубоморно присвојуван и да не се дозволува друг да го чествува.

„И затоа, ете нѐ свети Кириле, пак пред твоите мошти и пред твојот гроб застанати, чест и слава да ти одадеме. Да ти заблагодариме за сите букви што си ни ги дал во азбука собрани, преку која ем на писменост се научивме, ем во Нашиот Бог – Живото Слово поверувавме. Ти свети Кириле, во љубовта кон мудроста сфати дека најголема мудрост љубовта кон Христа е, и јаремот Негов на себе го зеде. Измоли од Бога и за нас кои споменот твој го славиме мудрост, низ која Христа како љубов ќе Го препознаеме и ближниот низ љубовта охристовена ќе го љубиме. Та така светот да нѐ познае дека Негови чеда сме, а ти дека наш просветител си ни“,пишува владиката Пимен.