Освоени први бодови на Светски куп во скијање и сноуборд од македонски натпреварувачи
За прв пат во историјата на ски спортови во Македонија, нашата претставничка Ана Цветановска освои бодови на Светскиот куп кој се одржа на 17 и 18 декември во Давос – Швајцарија.
Младата македонска скијачка Ана Цветановска на натпреварувањето на Светскиот куп во две дисциплини освои 18 бодови, со што ја издигна Македонија на 22- то место на светската ранг листа.
Ова се први освоени бодови на македонски натпреварувач на Светски куп. Покрај Ана, учество зема и Ставре Јада кој исто така постигна одлични резултати.

Првото место го освои Надин Федрих од Швајцарија, второто американката Џеси Дигинс, а третото место и припадна на швеѓанката Јохана Хангстром.
„Презадоволни сме од освоените бодови во Давос. Целта за оваа сезона ја остваривме уште на самиот почеток во август, кога Ана и Ставре ги постигнаа најдобрите ФИС бодови во историјата на македонското нордиско скијање. А сега, ги освоивме и првите бодови во рамки на Светскиот куп. Во моментов можеме без оптоварување да влеземе во вториот дел од зимската сезона, но извесно е дека очекуваме нови успеси на големите натпреварувања”, изјави тренерот Борче Јовановски.
Македонската репрезентација од Швајцарија се враќа во Македонија, а по празничната пауза следуваат нови предизвици – меѓу кои учество на Светското првенство кое во февруари 2023 година ќе се одржи во Планица, Словенија.

Историја испиша и македонската сноубордерка Сања Спасовска на Светскиот куп во Cortina d’Ampezzo, каде за прв пат македонски натпреварувач влезе на листата топ 30 и освои бодови во сноуборд.
Македонската скијачка федерација, која ги поддржува сите поединци и клубови, е горда на резултатите на натпреварувачите, и се надева на многу успешна зимска сезона.