Осветена првата македонска црква во Хрватска
Со свечена литургија синоќа беше осветена македонската православна црква „Злата Мегленска“ во Загреб, која што македонската заедница во хрватската престолнина ја градеше девет години. На осветувањето присуствуваше хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој во име на хрватската влада го прими највисокото одликување на МПЦ, во знак на благодарност и искрено пријателство. Орденот „Свети Климент Охридски“ му го додели поглаварот на МПЦ, архиепископот македонски и охридски Стефан.
„Навистина сум посебно почестен, но пред сè, ова го доживувам како оддавање признание на целата влада и бројни луѓе кои од срце, со разбирање, почитување, отвореност и искрена желба ги поддржуваат Македонците во Хрватсска, како и сите национални малцинства, бидејќи сметаме дека тоа е добро за нашето општество, за културата, инклузивноста и посебно на положбата на Хрватите во сите соседни земји“, кажа Пленковиќ на свеченоста.
Хрватската влада финансиски ја помогна изградбата на црквата со 935 илјади евра, а премиерот му се заблагодари и на Градот Загреб, „кој со години го поддржува македонското национално малцинство“.
На осветувањето на црквата присуствуваше и српскиот патријарх Порфириј. Најголема заслуга за изградба на објектот има пораншениот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ кој преку градското собрание обезбеди градежна дозвола за верскиот објект кој се наоќа во близина на центарот на градот..
Ова е прва црква што МПЦ – ОА ја изгради во канонско подрачје што се води како јурисдикција на Српската православна црква. Нејзината изградба почна кога сегашниот српски патријарх беше загребско-љубљански митрополит, а тогаш остро се противеше на изградбата..