Осумнаесет повредени мигранти на границата меѓу БиХ и Хрватска


Осумнаесет мигранти најдени се на границата меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина, од кои шест се потешко, а 12 полесно повредени.
Полицијата потврди дека повредените се примени на лекување во Здравствен дом во Велика Кладуша.
– Можам да потврдам дека се случи таков инцидент, но не и детали како се случи со оглед дека колегите од граничната полиција на БиХ ги затекнале тие луѓе во близина на границата. Пренесени се во болница каде им се санирани повредите, изјави Але Шиљдедиќ, портпарол на МВР во Унско-санскиот кантон.
Босанските медиуми пак, пренесуваат дека ова е потврда за тоа што го тврделе босанските власти, дека Хрватска ги тепа мигрантите и ги префрла на босанската страна од границата.

Според босански медиуми се работи за 15 Пакистанци, двајца Ирачани и еден Либиец. Шестмина од нив се хоспитализирани. Останатите се со полесни повреди.

– Повредените ги пренеле припадници на Граничната полиција на БиХ во две комби возила во Здравствен дом во Велика Кладуша…Според нивни изјави тие веќе преминале на територија на Хрватска, но ги открила хрватската полиција и наводно ги претепале, им одзеле пари и мобилни телефони, и потоа ги префрлиле преку границата на територија на БиХ, изјави Јасмин Чехиќ, координатор за работа со мигранти во Велика Кладуша.

Мигрантите веќе дале искази пред полицијата на БиХ.