Осумнаесет мигранти од Бангладеш пронајдени во возило на патот Неготино-Градско


Осумнаесет мигранти од Бангладеш биле пронајдени вчера во возило на патот Неготино-Градско, информираше денеска Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

– Околу 14:30 часот на патот Неготино – Градско, во близина на локалитетот Стоби, при контрола на товарно возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Т. (33) од Скопје, во товарниот дел на возилото полициски службеници пронашле 18 мигранти од Бангладеш (сите полнолетни). Возачот бил лишен од слобода и приведен во полициска станица за понатамошна постапка, појасни Додевски.

Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Неготино. Известен бил јавен  обвинител, а мигрантите се сместени во Прифатниот тразнитен центар „Винојуг“-Гевгелија.

Утрово, пак, товарно моторно возило „Ивеко“ во кое имало мигранти удрило во рапма, а потоа во бетонска жардињера на наплатната станица кај Миладиновци во близина на Скопје.

Како што соопштија од МВР за МИА, во 8:20 часот утрово во СВР Скопје било проијавено дека ТМВ Ивеко со скопски регистарски таблички удрило во рампата и потоа во бетонска жардињера на наплатната станица Миладиновци.

Возачот го напуштил местото на настанот, а во визолото била пронајдена група мигранти, информираат од МВР.