Осуммина пријавени за пироманство, а само во март 500 пожари


Три хеликоптери на Армијата се вклучија вчера во гаснењето на пожарот во Крушевскиот Регион што се доближи и до манастирот „Свети Спас“ кај селото Трстеник. Во акцијата со дополнителни сили и средства се вклучија и Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување. Огнената стихија ги голта шумата и природните ресурси. Засега не се доведени во опасност животите на жителите од околните села.
Пожарите што изминатите денови ја сардисаа земјава го запалија и алармот на надлежните и стравот кај граѓаните. До вчера попладне активни беа 12 пожари, сите предизвикани од човечки фактор. Политичките партии од опозицијата обвинуваат за несовесно работење, јавноста бара одговори кој и зошто ги предизвикува пожарите и очекува санкционирање на пироманите.
Од Министерството за внатрешни работи само кусо одговараат дека од почетокот на годината досега, за предизвикани пожари на отворен простор поднесени се осум кривични пријави за предизвикување општа опасност. За споредба, само во изминатиот месец, надлежните евидентирале околу 500 пожари на отворен простор низ целата земја.
Во текот на вчерашниот ден е локализиран пожарот на планината Јабланица што избувна меѓу селата Октиси и Вишни. Теренот, велат пожарникарите, е карпест, непристапен и опасен за безбедноста на луѓето. Изгоре голема површина шума, но спасени се викендичките и куќите кон селата.
„Сè уште има активни пожари низ земјава. Апелираме за совесно однесување на населението и придржување кон забраната за движење во шуми и шумски подрачја со цел спречување пожари во нив, како и активно вклучување на сите институции како на локално, така на централно ниво во заштита на шумите и природните ресурси на нашата земја“, алармираат од Дирекцијата за заштита и спасување.
Надлежните немаат дилеми дека пожарите се подметнуваат смислено за да се добие дрво за огрев, да се запалат стрништата и сувата трева, но и за други цели. Од Центарот за управување со кризи напоменуваат оти стрништата се палат од земјоделци, а пасиштата од сточарите поради поевтино огревно дрво или садење печурки, а има и случаи на пироманија.
„Ќе мора да бидеме поригорозни со законската регулатива и да ја следиме европската регулатива. Опожареното дрво е евтино огревно дрво. И затоа ги опожаруваат шумите. Мора да се забрани продажба на опожарено дрво и да има ригорозни казни за нелегална продажба. Пироманијата мора да се изедначи со терористички напад. Со пироманијата се загрозуваат животите на луѓето. Сточарите палат сува трева за да може со пролетните дождови да никне нова трева, за да имаат пасишта. Исто и тие што палат стрништа, вакво однесување е недозволиво. Сето тоа е систем. Инспекторите од Министерството за земјоделство и шумарство, локалните инспектори, шумската полиција треба да излезат на терен“, вели директорот на ДЗС, Аднан Џафероски.
Последниве денови дел од вработените во противпожарните единици алармираат дека бројот на пожари редовно се зголемува во пресрет на избори, но причините не можат да се одгатнат.
Пензиониран командир во скопската противпожарна служба објаснува дека бројката од над 500 пожари на отворен простор во текот на еден месец е катастрофален податок што треба да нè загрижи сите.
„Не паметам дека такво нешто се случило за време на мојата долгогодишна кариера. Претпоставувам дека едни се гасат, други пак се палат, па затоа најважна е брзата реакција. Ако се остави простор од неколку денови, тогаш огнената стихија зема замав и особено доколку зборуваме за шумски подрачја, исклучително тешко е да се им се фати крајот. За жал, сметам дека во моментов отсуствува подобра организација, па ако сакате и систем за борба против пожарите. Што ќе правиме на лето ако сега е вака?“, прашува пензионираниот командир.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека штетите се милионски, а никој не презема одговорност. Оттаму ја искористија шансата да го обвинат премиерот Зоран Заев и неговите министри и градоначалници дека се неспособни.
„Имаме ситуација кога буквално нема држава и затоа оние што палат се чувствуваат осоколени, охрабрени и сметаат дека можат да палат без последици. Нема држава затоа што ниту еден закон не се почитува. На министерот за земјоделство и шумарство му изгореа илјадници хектари, го нема никаде да се појави. Имаме стотици и стотици подметнувачи на пожари, а полицијата не поднесува кривични пријави. Тоа значи дека оние што ги палат и подметнуваат пожарите се во дослух со власта за профити и затоа чувствуваат заштита“, реагираат од најголемата опозициска партија.

И дождовите ќе гаснат
Пад на температурата за пет до седум степени и врнежи од дожд во наредните денови, најавуваат метеоролозите, што би требало да помогне во справувањето со пожарите. Од денеска попладне, како што информираат од УХМР, следува период на променливо облачно време со локални врнежи од дожд и со умерен јужен ветер. Од среда дневните температури ќе се намалат за пет до седум степени.
Денеска минималната температура ќе се движи од минус два до пет, во среда од два до осум, четврток од еден до седум, петок од два до осум, сабота од три до девет и недела од четири до 10 степени.

Горан Адамовски