Осумдесет години од масакрот кај Ваташа: Да не се заборави и да не се повтори


 

Во месноста Моклиште кај кавадаречкото село Ваташа, денеска беа одбележани 80 години од стрелањето на 12 младинци од страна на бугарските окупаторски војски за време на Втората светска војна.

Во изјава за медиумите, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска рече дека после 80 години од убиството на 12 млади ваташки деца, денес болката е сè поприсутна и споменот е сè поприсутен.

„Наша должност е овој грозоморен чин што пред 80 години го извела тогашната бугарска фашистичка влада, никогаш повеќе да не се случи. Токму затоа имаме чест да бидеме тука, да дадеме признание на семејствата на 12 загинати младинци и да испратиме порака, оваа крвава страна од историјата што ја испишала тогашната фашистичка влада, никогаш повеќе не смее да се повтори“, нагласи министерката.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев за медиумите рече дека во чест на младинците, општината Кавадарци изготви 12 бисти. Денеска бистите беа свечено откриени, а се отвори и спомен соба во чест на децата кои биле стрелани.

Претседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за медиумите рече дека денеска е посебен ден за Кавадарци и за Македонија и за жителите на Ваташа.

„Овие 12 младинци се убиени на ѕверски начин од страна на бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска војна и тоа е чин што треба сите да нѐ обедини. Тоа е чин што не треба никогаш да го заборавиме.денеска голем дел од луѓето коишто се активни на политичката сцена во лов на сопствена политичка кариера и ден повеќе да бидат активни во политиката подготвени се дури и ваквите моменти да ги заборават, да ги избрусат, како што тоа го правеа многу пати во минатото со брусење на некои други хералдички знаци коишто се дел од македонското минато“, рече Мицкоски.

Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето присуствуваше генералниот секретар Миле Бошњаковски, кој полоши цвеќе пред споменикот на 12 младинци кои беа убиени на 16 јуни 1943 година.