Осум земји од ЕУ бараат да се ограничи движењето на руските дипломати


Осуммина министри за надворешни работи на Европската унија повикаа Унијата да им забрани на руските дипломати слободно да се движат низ блокот и да ги ограничи во земјите каде што се акредитирани. Тоа се наведува во писмо до шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

„Слободното движење на сопственици на руски дипломатски и службени пасоши, акредитирани во една земја домаќин, низ целата Шенген зона ги олеснува штетните активности“, се вели во писмото од 11 јуни, во кој имале увид западни медиуми.

Министрите нагласуваат дека разузнавањето, пропагандата „или дури и подготовката на диверзантски акти се главниот обем на работа за голем број руски „дипломати“ во ЕУ“, и иако протерувањата се важни, заканата останува.

„Сметаме дека ЕУ треба строго да го следи принципот на реципроцитет и да го ограничи движењето на членовите на руските дипломатски претставништва и членовите на нивните семејства само на територијата на државата на нивна акредитација“, велат тие.

„Таа мерка значително ќе го стесни оперативниот простор за руските агенти“, се додава во писмото, потпишано од министрите од Чешка, Данска, Естонија, Латвија, Литванија, Холандија, Полска и Романија.

Членките на НАТО исто така се подготвени да преземат поостри акции против руските шпиони во земјите-членки на Алијансата, како одговор на кампањата на Москва со непријателски активности, кои вклучуваат акти на саботажа и кибер напади, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Видовме неколку примери на саботажа, обиди за палење, кибер напади, дезинформации“, изјави Столтенберг, додавајќи дека министрите за одбрана на НАТО ќе се фокусираат на „руската кампања на непријателски активности против сојузниците на НАТО“ на претстојниот состанок во Брисел.  

Столтенберг рече дека министрите ќе разговараат и за опциите на НАТО да одговори на руските закани, вклучително и заштита на критичната поморска и кибер инфраструктура, како и „построги ограничувања за рускиот разузнавачки персонал во земјите на Алијансата“.