Осум загинати во сообраќајка во Албанија, бегајќи од полицијата паднале во река


Осум лица загинаа утрово во Албанија во сообраќајна несреќа што се случи кога возило полно со мигранти се обиде да ѝ побегне на полицијата. Седум од загинатите се мигранти, а осмиот возач на возилото, по националност Албанец.

Возачот изгубил контрола над возилото кај Пермет, на неколку километри од границата со Грција и истото паднало во реката, се вели во полициското соопштение, пренесува N1. Според првичните информации, полицијата се обидела да го запре возилото за контрола, но возачот решил да побегне.

Мигранти од Блискиот Исток, според полицијата, ја преминале границата меѓу Грција и Албанија, а веројатно планот бил да преминат во Црна Гора, а потоа кон земјите на ЕУ. Албанија се наоѓа на таканаречената балканска рута, преку која за време на мигрантскиот бран од 2015 и 2016 година, стотици илјади луѓе избегаа од конфликтите и сиромаштијата во Африка, Централна Азија и Блискиот Исток, на пат кон ЕУ.

Речиси 100.000 луѓе ја поминале таа рута помеѓу јануари и октомври 2023 година, според податоците на Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на Европската унија – Фронтекс.