Осум ученици уапсени во Бугарија дека испраќале лажни дојави за бомби


 

Во Бугарија расте бројот на учениците кои се уапсени под сомнение дека стојат зад лажните дојави за бомби во средата, четвртокот и петокот. Првите дојави, од понеделникот и вторникот, како што објавува бугарската полиција, кои поплавија десетици училишта во земјата, биле хибриден напад на земји надвор од Европската унија и тука органите на прогонот не можат ништо да сторат.

Досега веќе се приведени осум тинејџери, изјави за новинарите во Пловдив главниот секретар на МВР, Петар Тодоров.

Во последните три дена 17-годишен ученик од Софија користел различни интернет ресурси за да испрати десетици закани за бомби. При сослушувањето тој признал дека на 29, 30 и 31 март од неговиот личен телефон создал 4 гугл поштенски сандачиња од кои испратил десетици мејлови низ државата до училиштата и полициските одделенија со закани за бомби.

Со него биле уште двајца или тројца соученици кога ги испратил лажните закани. Тие беа поттикнати од првите објави на 27 и 28 март на заканувачки мејлови добиени во некои училишта низ земјата. Момчето објаснило дека ги пратил мејловите затоа што не сакал да оди на училиште.