Осум претстави во јануари – Драмски театар ја започнува новата сезона


Dramski teatar 4 bg
Фото: Б. Грданоски

НУ Драмски театар – Скопје од 20 јануари 2022 година, со претставата „Диши“ од Дилан Мекмилан во режија на Димче Николовски, ја започнува новата сезона на претстави за оваа година.

– До крај на месец јануари предвидено е да се одиграат осум претстави: новата претстава „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, чија премиера беше на 29 декември 2021 година, „Птица со главата меѓу нозе“, чиј текст и режија се на Коле Ангеловски, а премиерно беше изведена на 10 ноември 2021 година, „Мојот маж“ која претставува колаж од расказите на Румена Бужаровска, а во режија на Нела Витошевиќ, „Странци“ од Паоло Геновезе, во режија на Нела Витошевиќ, „Чудесна терапија“ од Даниел Глатауер, во режија на Димче Николовски, „Партија реми“ од Доналд Ли Кобурн, во режија на Виолета Џолева и „Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Јане Спасиќ, сооштија од НУ Драмски театар.

 

Оттаму посочија дека во февруари започнувааат со проби на нова претстава „Моето име е Горан Стефановски“ во режија на Бранислав Миќуновиќ и драматизација на Бранислава Илиќ, чија премиера е закажана за 26 март 2022 година.

 

НУ Драмски театар Скопје на 13 февруари 2022 година ќе учествува на Меѓународниот фестивал РУТА Група Триглав, кој ќе се одржи во Љубљана, со претставата „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ.