Осум пати повеќе барања за третата линија бескаматни кредити, серверот преоптоварен


Интересот за третата линија бескаматни кредити наменети за микро и мали компании, трговци поединци и занаетчии е голем. Од Развојната банка денеска информираа дека бројот на пристигнати мејлови ги надминал нивните очекувања и оти интересот е за осум пати со посилен интензитет од Ковид 2 бескаматната кредитна линија.

Како што информира директорот на Развојната банка, Кире Наумов по отворањето на повикот дошло до преоптоварување на серверот и неможност да им се одговори на сите кредитобаратели. Ваквата ситуација довела до тоа дел од кредитобарателите да испраќаат пораки по неколкупати.

До Развојната банка пристигнати се и по осум до 10 пораки од некои кредитобаратели. Системот е стабилизиран во утринските часови. Наумов апелираше до кредитобарателите кои веќе испратиле порака, да се воздржат од повторно праќање, бидејќи ќе добијат соодветен одговор дека нивната порака е примена.

– По отворањето на меил адресата дојде до целосно преоптоварување на серверот поради огромниот број меил пораки кои паралелно се испраќаа кон Развојната банка во ист момент, односно во иста секунда. Ова доведе до тоа дека во потребното време кое е неопходно мејлот да стигне до серверот, а потоа да се врати порака дека е примена пораката од кредитобарателот, одеше со задоцнување. Ова предизвика сосема очекувано голем број од кредитобарателите во тој момент да се обидат по неколку пати да пуштат пораки. Имаме случаи каде што некои пратиле четири, осум, 10, па дури, мислам и 18 пати пораки. Тоа е сосема очекувано и нормално и не ги обвинуваме заради тоа. Таквиот повторен момент во којшто неколкупати се обидел некој од кредибарателите да ги пушти своите пораки, создаде уште поголемо оптоварување на системот, истакна Наумов на денешната прес-конференција со министерот за економија.

Меѓу апликантите имало и такви кои не се опфатени со овој оглас, односно не спаѓаат во микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии.

– Дел од преостанатите меил пораки, односно кредитни барања не содржат во себе сабџект, односно не ги содржат прилозите и документите и посебно им препорачувам на оние кредитобаратели кои веќе еднаш пратиле меил, да проверат дали ги содржи документите, апелираше Наумов.

Нагласи дека никој нема да биде оштетен, а обработката на барањата ќе отпочне по завршување на јавниот повик.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, новиот повик за бескаматни кредитни линии Ковид 3 со грант компонетна 3 е важен за микро и малите претпријатија, како и за женското претприемништво и за младите лица.

– Ова е многу важна вест за нашите компании имајќи предвид дека ние во континуитет работиме за да ја зголемиме нивната конкурентност, а на таков начин тие да можат да добијат и нови пазари. Министерството за економија ќе соработува со Македонската банка за развој се со цел оваа кредитна линија да биде успешна, да биде искористена од нашите стопанственици, рече Бектеши, најавувајќи нови кредитни линии со евтини камати на почетокот на следната година.