Осум министерства, Заводот за статистика и Државниот архив утре на протест


Вработени од јавната администрација утре ќе излезат на протест барајќи потпишување на колективен договор и исплата на 30 проценти додаток на плата.

Од Синдикатот на УПОЗ, кој ги обединува синдикалните организации на повеќе министерства и други јавни институции, велат дека на протест утре излегуваат осум министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив.

Освен утрешниот протест, во средата во штрајк стапија вработените од Државното правобранителство со истите барања.

По ваквите најави, од Владата соопштија дека до нив не е пристигнато вакво барање од страна на синдикатите, но и дека зголемување од 30% во овој момент е надвор од можностите на Буџетот. Но од УПОЗ велат овие вработени со години барале повисоки плати кои не ги добиле, а сметаат и дека станува збор за мал број на вработени, па без разлика на состојбата на Буџетот би можело да се најде решение.

– Не е голема бројката на вработени што ги бараме овие права. Како што кажав не се од вчера барањата, Владата добро ги знае плус имавме подршка од страна на ресорните министри. Сите ресорни министри пред носење на Буџетот пратија предлог колективни договори до Министерството за финансии и мислам дека тука можеше да се најде начин како да се слушнат нашите барања и некој модус да се изнајде да ги добиеме овие 30% што ги бараме со години наназад,- Трпе Деаноски – претседател на УПОЗ.

Од Владата изразија загриженост и за можна политичка мотивираност, бидејки како што велат синдикатите веднаш најавиле штрајк без прфетходно да бидат исцрпени останатите механизми, за што Деаноски вели дека единствената мотивираност на синдикатите била материјална. Според него не станува збор за штрајк, туку за протест бидејќи вработените ќе протестираат само половина час, а во остатокот од денот ќе ги завршуваат своите работни задачи.