Осум години од крвавиот „27 април“

Денес се навршуваат осум години од насилниот упад во македонското Собрание, познат како „Крвавиот четврток“.
На 27 април 2017 година, додека во Собранието се избираше новиот претседател Талат Џафери, толпа демонстранти, поттикнати од иницијативата „За заедничка Македонија“, го проби полицискиот кордон и насилно влезе во законодавниот дом.
Пратеници, новинари и службеници беа нападнати, а повеќе од 100 лица беа повредени.
Судскиот процес за настаните од 27 април 2017 започна на 22 август 2018 и претставува еден од најголемите случаи во поновата историја на Македонија. Првично, постапката беше покрената против 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок и двајца за поттикнување. Со одобрување на Законот за амнестија, 15 лица беа амнестирани.

Во рамки на судската постапка беа испрашани околу 50 сведоци, како и заштитен сведок. Меѓу сведоците беа и актуелниот премиер Зоран Заев, министерот Дамјан Манчевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, владиката Пимен и други.
Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 не се однесуваше на организаторите, лицата што употребиле физичко насилство, носеле оружје или службени лица кои ги пречекориле своите овластувања.
Амнестија добија петмина пратеници – Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска, како и организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ – Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, и лица од кабинетот на тогашниот претседател на Собранието.
Судскиот совет при Основниот кривичен суд Скопје, предводен од судијката Добрила Кацарска, на 15 март изрече вкупно 211 години затвор за 16 обвинети за насилството во Собранието на 27 април 2017, додека Игор Дурловски беше ослободен од обвинението.
Највисока казна од 18 години доби Митко Чавков, по 15 години беа изречени за Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Влатко Трајковски и Николо Митровски-Колјо, додека останатите добија од 7 до 15 години затвор.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во февруари годинава, соопшти дека под истрага се пет лица осомничени за организирање на настаните од 27 април.
Тие се товарат за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Обвинителството информира дека во почетокот на 2017 година, осомничените подготвиле и спровеле план за спречување на мирната примопредавање на власта. За таа цел организирале и материјално поддржале масовни протести, прво пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“, кои кулминирале со насилниот упад во Собранието на 27 април.
Осомничените како организатори ја вклучиле целата партиска структура и материјални средства за остварување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полицајци кои ги обезбедувале протестите. За нарушување на уставниот поредок и безбедноста, на критичниот ден организирале непречен влез на демонстрантите во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување насилство. Истовремено, штабовите на политичката партија континуирано ја мобилизирале членската база од Скопје и други градови. Еден од осомничените, со возило сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, донел оружје и панцири во Собранието, наменети за лица кои протестирале и имале искуство со употреба на оружје. Со овие активности, осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, информира обвинителството.