Осуди за бесилките на Стевананџија, тој се вади со симболика


Народниот правобранител Иџет Мемети ја осуди пораката на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Димитар Стевананџија, објавена на својот профил на социјалната мрежа Твитер со слика од бесилка под која стои „Ќе биде се ОК! Зоран Заев“. Тој ја оценува како говор на омраза и побара од надлежните институции да реагираат и да го расчистат случајот.

„Народниот правобранител, како член на Мрежата против говор на омраза, го осудува секој чин на ширење говор на омраза од причина што во едно општество какво што е нашето тоа може да остави далекосежни последици и да поттикне дела од говор на омраза. Оттука, ги повикуваме надлежните институции, Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, веднаш да реагираат и да го расчистат секој случај на ширење на говор на омраза. Неказнивоста на ова дело дејствува охрабрувачки, а Република Северна Македонија токму во овој сегмент досега не покажа голем капацитет за справување со оваа негативна општествена појава“, порачува народниот правобранител.

Пратеникот, кој е познат по своите „патриотски“ настапи и жестока реторика на собраниската говорница која одвреме-навреме изобилува со веќе излитената поделба на предавници – патриоти – кодоши, во изјава за „Независен весник“ тврди дека не станува збор за говор на омраза туку за симболично прикажување на целокупната апатија во општеството. Вели дека сликата илустрација е преземена од друг профил и објавена на неговиот и притоа надополнета со сопствен коментар во кој го користи зборот „грогиран“.

„Го употребувам токму тој збор за да ја доловам целокупната разочараност од општествено политичките случувања кои симболично доведуваат до бесилка. Не сум имал никаква намера да ширам говор на омраза или да повикувам на насилство врз одредени личности. Станува збор за симболичен исказ“, објаснува Стевананџија, кој е еден од оние пратеници кои покрај по патриотските говори уште пред неколку години во јавноста стана популарен и по користењето на солените патни трошоци (меѓу 2012 -2015 година земал 60.000 евра). По жестоката осуда во јавноста тој на крајот го повлече твитот.

Ваквиот чин на пратеникот Стевананџија го осудија и од Владата оценувајќи го како непримерен за народен избраник и ги повикаа надлежните институции на целосно и ефикасно спроведување на правната држава, утврдување на фактите и одговорноста.

„Владата најостро осудува и нема да дозволи ширење говор на омраза кон кој било граѓанин. Во врска со прашањето за говорот на омраза ширен од пратеникот Стевананџија, најостро ги осудуваме заканите и говорот на омраза кои ги шират функционери и народни избраници. Тие треба да бидат пример за граѓаните, а не поттикнувачи на поделби и конфликт“, стои во реакцијата од канцеларијата на портпаролот на Владата.

Воедно, се посочува дека последните две недели секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР веќе постапувал по 11 случаи и за три веќе е поднесена кривична пријава до Обвинителството, а за останатите ќе се направи тоа во наредните денови.

„Стевананџија бесрамно и скандалозно шири говор на омраза и заплашува граѓани со бесилка, само затоа што некои од имаат различни ставови од него“, реагираа и од СДСМ. Од владејачката партија сметаат дека Стевананџија покажува дека не достоен да ја извршува функцијата пратеник и затоа тој мора веднаш да си поднесе оставка.

„Повикуваме, за овој случај да се произнесе и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, а пратеничките групи, особено на ВМРО-ДПМНЕ, да го осудат ваквото однесување на нивниот пратеник Стевананџија“, велат од СДСМ. (Н.К.)